Македонија по осми пат дел од акцијата Часот на планетата Земја

9

foto-1-glavna-slika

Осма година по ред, Македонија се вклучува во одбележувањето на најголемата светска еколошка акција Часот на планетата Земја, кога во 20:30 часот по локално време, во период од еден час во мрак ќе потонат над 178 земји и 7.000 града ширум светот, стои во соопштението.

Како што акцијата ќе патува низ часовните зони, милиони луѓе ширум светот преку симболично исклучување на осветлувањето во период од еден час ќе испратат порака за спас на планетата Земја, заеднички да ги промениме климатските промени.

Во централното градско подрачје, со поддршка од Град Скопје, во мрак ќе потонат Плоштад Македонија со спомениците, Порта Македонија, Камениот мост, Скопската тврдина, Македонскиот народен театар, Музејот на македонската борба, Археолошкиот музеј, објектот на АЕК, Колонада, Јавното обвинителство на Република  Македонија, Министерството за надворешни работи, мостот Око и Мостот на уметноста.

Во Охрид, пак, во мрак ќе потонат Црквата Свети Јован Канео и Самоиловите тврдини.

Своја поддршка кон акцијата најавија Македонски Телеком, коишто ќе ја исклучат административната зграда во центарот на Скопје, како и цементарницата Усје којашто ќе ги исклучи светилките и сите мелници за цемент во својата фабрика.

“Ме радува фактот што Македонија, како верен партнер на Часот на планетата Земја, и оваа година ќе ги исклучи светилките и ќе се приклучи во фамилијата на преку 178 земји кои ги исклучуваат за оваа акција“, вели Ѓорги Селков, организатор на акцијата во Македонија.

Оваа година, кај нас осма по ред, под мотото Заблескај светлина на климатските промени, кампањата се фокусира на сериозноста на проблемот поврзан со забрзаното менување на климата, но и ја промовира идејата дека сите ние ја имаме моќта да направиме промена, односно обединети да ги промениме климатските промени.