Претставници на Дирекцијата на Технолошко индустриските развојни зони ги претставија можностите за инвестирање во Македонија на Светскиот конгрес за автомобилска индустрија САЕ 2013, кој се одржуваше во Детроит, САД, од 16 април до денес.
Секоја година Конгресот го посетуваат повеќе од 10 илјади учесници од преку 50 земји во светот. Тој е најважен глобален собир на производители на возила, автомобилски компоненти и добавувачи во автомобилската индустрија, како и одлична можност за остварување средби со нови компании и запознавање со светските трендови во овој сектор. Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони имаше можност да се претстави со свој штанд на настанот како изложувач.
Исто така со свои штандови на конгресот се претставија најголемите производители на автомобили во светот Генерал Моторс, Форд, Нисан, Хјундаи, Хонда, Крајслер, како и познати светски производители на компоненти како Делфи, Зетеф, Денсо, Магна, Џонсон Контролс и многу други.
Покрај Македонија, промоција на можности за инвестирање во своите земји направија и Канада, Италија, Јужна Кореа, Хонг Конг и неколку држави на САД.
Во рамките на посетата беа остварени контакти и средби со компании кои веќе инвестирале или покажуваат интерес за инвестирање и во моментов вршат анализи на инвестициските можности во Македонија.