Република Македонија имаше можност за прв пат да го претстави својот туристички потенцијал на саемот за туризам во Варшава, Полска, во организација на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот (АППТ).
Настанот се одржува од 24 до 26-ти овој месец.
Директорот на АППТ Јордан Трајков, изјави дека ова саемско претставување е втор логичен чекор во долгорочниот промотивен план за Полска по минатогодишните средби меѓу македонскте туристички агенции и полските тур оператори во Познањ, Варшава и Краков.
“На саемот се претставивме подготвени, со нови промотивни материјали на полски јазик и пред се, прекрасен штанд. Во рамки на манифестацијата во најфреквентниот период во текот на вториот ден, заедно со Љупчо Михаиловски, ќе одржиме презентација пред полски тур оператори и новинари. Со ваквиот континуиран, долгорочен настап очекувам да продолжи трендот на зголемување на бројот на полски туристи кај нас”, рече Трајков.
Љупчо Михаиловски, економскиот промотор за Полска и Унгарија, посочи дека Полска е голема земја и е една од ретките во ЕУ која во услови на економска криза имаше растечка економија.
“Полската економија е компатибилна со нашата. Ова е доволен показател за можни позитивни економски односи на повеќе полиња, вклучувајќи го и туризмот. Се радувам што се претставуваме овде и очекувам тоа да донесе значително поголем број на туристи од Полска во Македонија”, истакна Михаиловски.
Според програмата на Агенцијата поддршка и промоција на туризмот, до крајот на 2013 година е предвидено Македонија да се претстави на 17 саеми за туризам низ светот.