Македонија претставена на Саем за туризам во Москва

44

Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот (АППТ), трета година по ред го претстави туристичкиот потенцијал на Македонија на Саемот за туризам во Москва, Русија.

Повеќе од 1.800 компании и 198 туристички дестинации ја претставија својата понуда на саемот за туризам во Москва, се сретнаа со партнерите и потенцијалните соработници, но ја искористија и можноста за да ја кренат свесноста за постоењето на нивната дестинација.

“Промоцијата на Република Македонија на овој саем е исклучително важна, ова е еден од најважните саеми во Руската Федерација на која се промовираат речиси сите туристички дестинации. Оваа година од исклучително значење е воспоставениот контакт со Асоцијацијата на туристички оператори на Руската Федерација, а во претстојниот период би требало да се воспостави продлабочена соработка со АППТ во делот на промоција на Република Македонија, а исто така и во делот на склучување на договор со позначајни тур-оператори кои ќе можат во текот на наредната година да организираат туристички тури во Република Македонија и да го зголемат вкупниот обем на туристи кои ќе ја посетат нашата држава”, изјави Амбасадорот на Република Македонија во Русија, Илија Исајловски.

Директорот на АППТ, Кристијан Џамбазовски, истакна дека оваа година имаат поагресивен настап, за разлика од минатата со цел да привлечат поголем број на туристи од минатата година.

“Охрабрени од резултатите од минатогодишниот настап, како и од покажаниот интерес од страна на руските туроператори и од руските граѓани на овогодишниот саем за туризам МИТТ, оваа година одлучивме да настапиме поагресивно на рускиот пазар при што ќе вклучиме презентации пред руски туроператори за претставување на атрактивноста на Република Македонија како туристичка дестинација, а воедно и подетални информации за можностите за користење субвенции кои предизвикаа интерес кај руските туроператори”, изјави директорот на Агенција за поддршка и промоција на туризмот, Кристијан Џамбазовски.

На саемот за туризам во Москва, Република Македонија се претстави во нов дизајн на штандот и нови промотивни материјали кои имаа можност да ги видат скоро 40.000 посетители. Со овој саем Република Македонија го завршува саемското претставување на туристичкиот потенцијал во првата половина на 2014 година.