Македонија прва земја во Европа со мрежа целосно базирана на интернет протокол

44

makedonski-telekom Македонски Телеком го префрли и последниот корисник на новата ИП мрежа со што стана првата компанија во Групацијата Дојче Телеком со мрежа целосно базирана на интернет протокол АЛЛ ИП. Со инвестиција од 13 милиони евра, во тек на изминатите 25 месеци, се овозможи мигрирање во новата мрежа на 290.000 линии, објави менаџментот на компанијата.
“Резултатот е значително намалено време на пласирање на производите од една до две години, на две недели, некогаш и неколку дена, а исто така и значително намалување на трошоците. Во Македонија заштедуваме 10 евра по корисник годишно. Главната заштеда всушност произлегува од енергетските заштеди бидејќи ги елиминиравме сите подвижни елементи, исто така намалено плаќање кон нашите добавувачи, а исто така заштедуваме и трошоци за персонал за одредени технички услуги”, рече Клаудија Немат, член на Одборот на Дојче Телеком за Европа и технологија.
На новинарско прашање дали ќе има ли придобивки за корисниците во однос на пониски цени на услугите, Немат наведе дека нивната инвестиција била во подобрување на корисничкото искуство.
“Не станува збор за пониски цени, туку апсолутно за подобро корисничко искуство. Во овој случај, потребни се дури и дополнителни инвстиции во информатичката технологија и за креирање нови процеси кои што ќе овозможат беспрекорно функционирање на мрежата”, рече Немат.
Придобивката за деловните корисници, појасни, е тоа што со ИП трансформацијата може да се нарача широкопојасен интернет на барање со брз и лесен пристап до него.
Андреас Маиерхофер, главен извршен директор на Македонски Телеком, истакна дека преку новата ИП платформа, буквално секој нивен корисник ќе може да ги користи услугите на новата генерација, брзо, квалитетно и ефикасно.
“А тоа е и нашата цел, преку вложување во новите технологии, да овозможиме најдобро корисничко искуство. ИП ги брише географските граници и е основа за сите идни услуги, а Македонски Телеком е многу напред, не само во регионот, туку и во рамките на Европа, и горди сме заради тоа”, рече Маиерхофер.
ИП технологијата користи интернет протокол за пренос на говор, што овозможува користење услуги од новата генерација. ИП мрежната технологија овозможи воведување Интернет по потреба, целосно нов концепт кој им овозможува на корисниците онлајн да нарачаат пристап на интернет со голема брзина секогаш кога им е потребен со само еден клик.