Македонката Сања Павел – менаџер во Wizz Air: “Јас сум во суштина уметник кој случајно се најде во светот на бизнисот и менаџментот

2777

Сите чекори кои нашата државјанка Сања Павел ги изодела во рамки на нејзината досегашната кариера во Wizz Air биле континуирано насочени кон врвот. Во Септември започнува на позицијата Сениор Менаџер за Организациски Развој во седиштето на Wizz Air во Будимпешта, а како основни квалитети во прилог на напредокот на нејзината воздухопловна кариера ги издвојува прилагодливоста, силната работна етика и интересот за авијација. Во Wizz Air се чувствува како “своја на свое“, а меѓу колегите е препознатлива и по карактеристичното образование со оглед на завршената музичка академија.”Јас сум во суштина уметник кој случајно се најде во светот на бизнисот и менаџментот. Неодамна станав и магистар по бизнис и администрација”, вели Павел за Бизнис Инфо.


Работењето во Wizz Air како странска компанија  го доживува како извонредна можност за раст и континуирана надградба, но и шанса за секојдневен контакт со културна разновидност. “Меѓународните компании нудат поглобална перспектива и различни искуства, додека локалните компании може да имаат повеќе локализиран фокус”, задоволно констатира Павел.

Wizz Air е една од најпрепознатливите компании во Македонија. Вашата професионална биографија во однос на реализираните кариерни успеси како дел од нејзиниот тим е респектабилен, па оттука и прашањето на која работа позиција сте сега таму?
 
Во Септември започнувам на позицијата Сениор Менаџер за Организациски Развој во седиштето на Wizz Air во Будимпешта, каде што ќе се фокусирам на клучните одговорности како што се развој на таленти, надгледување на напорите за управување со промени, негување на развој на лидерство во компанијата и многу повеќе.

Имате работено на стратешките комуникации, на иницијативи за стратешки и финансиски комуникации за извршниот директор, инструктор за безбедност…Во која мерка сите овие позиции се дел од вашиот развоен пат во компанијата?

Визер е одлична компанија за оние кои имаат желба да учат и напредуваат, секоја позиција што ја споменавте придонесува за поширок сет на вештини што би биле вредни за кариера во воздухопловната индустрија. Иако оваа низа можеби не е точниот пат за секого, таа покажува како искуствата и вештините стекнати на претходни позиции природно можат да напредуваат и да не подготват за повеќе стратешки и лидерски позиции во иднина.

Сте учествувале во обликување на стратегијата за одржливост и обезбедување напредок кон постигнување нето нула емисии до 2050 година. Што  значи ова во пракса?

Обликувањето на стратегијата за одржливост на Визер и поттикнувањето на напредокот кон постигнување нето нула емисии до 2050 година вклучува активности како што се дизајнирање планови за летање со економична потрошувачка на гориво, усвојување почисти воздухопловни технологии, инвестирање во одржливи воздухопловни горива, соработка со аеродромите за минимизирање на емисиите на земјата, усогласување со строгите регулативи за емисии и континуирано истражување на иновативни решенија за намалување на влијанието врз животната средина на воздушниот сообраќај. Овие напори колективно придонесуваат за поодржлив авијациски сектор и целта за нето нула емисии до 2050 година.

Како воопшто почнавте да ја градите вашата кариера во Wizz Air и кои беа вашите квалитети кои беа “пресудни” за понатамошниот напредок?

Во Визер почнав сосема случајно во 2012 година кога се отвори базата во Скопје. Прилагодливоста, тимската работа, силната работна етика и интересот за авијација допринесоа за напредокот во мојата кариера. Овие квалитети ми овозможија да се справам со предизвиците, да соработувам ефективно и да придонесам позитивно за растот и успехот на компанијата.

На социјалните мрежи споделувате фотографии од голем дел земји во светот. Дали се овие дестинации во рамки на  вашиот професионален ангажман или пак се приватни, туристички?

На претходните позиции во регрутација и комуникации често патував, но по природа сум авантурист и секогаш сум на пат. Фотографиите што може да ги видите на социјалните мрежи главно потекнуваат од моите приватни патувања.

Дел од вашето формално образование е се чини сосема спротивно од актулените работни задачи. Како ја “споивте” уметноста (музиката) со летањето?

Јас сум во суштина уметник кој случајно се најде во светот на бизнисот и менаџментот. Неодамна станав и магистар по бизнис и администрација. Моите колеги се добро запознаени со мојата музичка позадина, па затоа од самиот почеток сум на сцената на настаните на Визер.

Кои се сличностите, а кои разликите меѓу начинот на работа во странска компанија во споредба со некоја од нашите , домашни?

Мислам дека работењето во компанија во Македонија и меѓународна компанија во Европа се разликува во однос на културната разновидност, деловните практики, можностите за раст, јазикот, големината на компанијата, работната средина, компензацијата и сложеноста на регулативата. Меѓународните компании нудат поглобална перспектива и различни искуства, додека локалните компании може да имаат повеќе локализиран фокус.