Македонската економија во 2014 година ќе продолжи да расте

33

Македонската економија во 2014 ќе порасне за 3,2%, а според предвидувањата на некои од релевантните меѓународни финансиски институции, можеби и повеќе. Главни двигатели на растот ќе бидат извозните компании, јавните капитални инвестиции, странските директни инвестиции и зголеменото кредитирање од страна на банките. Ова го истакна министерот за економија Ваљон Сарачини во изјавата по средбата со претседателите на Стопанската комора на Македонија и на Стопанската комора на северозападна Македонија и извршниот директор на Сојузот на стопанските комори на Македонија. Сарачини посочи дека во буџетот за 2014 година се предвидени капитални инвестиции од 365 милиони евра и околу 150 милиони евра за изградба на патна инфраструктура. Се планира и зголемување на извозот од околу 10,4% во однос на 2013, а странските директни инвестиции се очекува да бидат околу 330 милиони евра. Оптимизмот на Сарачини се должи на порастот што го бележи македонската економија во последните три квартали од 2013 и очекуваниот раст до крајот на годинава од околу 3%, повисок од првично предвидениот, но и на најавениот раст во земјите членки на Европската унија, а особено кај нашите традиционални трговски партнери.
“И следната година компаниите ќе имаат на располагање нови 100 милиони евра кои ќе се реализираат преку кредитната линија од Европската инвестициска банка, како и 146 милиони евра од Регионалната платформа за поддршка на мали и средни претпријатија. Донесен е нов Закон за индустриски зони со кој се предвидуваат посебни поволности за домашните компании, а формирана е и Работна група со цел да им дадеме поддршка на домашните фирми за да можат да бидат добавувачи на странските компании. Тоа ќе значи отворање нови работни места и намалување на невработеноста”, потенцира Сарачини.
Раст од 3,2%, а можеби и повисок во 2014 година очекува и претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески.
“Сите индикатори и предвидувања зборуваат дека кај нашите најголеми трговски партнери ќе дојде до зголемување на економските активности и БДП од 0,5% до 3%, што за нас е сериозен индикатор дека ќе дојде до зголемување на надворешната побарувачка за нашите производи. Од една фаза на песимизам влегуваме во фаза на оптимизам. Следната година сакаме да се реализира и нашата иницијатива за донесување закон за поттикнување на инвестициските вложувања со кој домашните компании ќе добијат стимул во инвестирањето, а успешните менаџери соодветна поддршка од Владата и од нас како бизнис асоцијации”, рече Азески.
Азески посочи дека ќе побараат и донесување Закон за гарантен фонд во Македонската банка за поддршка на развојот за обезбедување колатерал за извозните трансакции, сериозна анализа како парафискалните давачки влијаат на реалниот сектор и зголемување на земјишните поседи како услов за пораст на приносите и извозниот потенцијал на земјоделството.
“Ќе иницираме и активност за купување акции во Солунското пристаниште кое во 2014 година треба да се приватизира”, рече Азески.
Претседателот на Стопанската комора на северозападна Македонија, Мендерес Кучи рече дека малите и средните претпријатија се столбот на економијата и додаде дека особено треба да се внимава на поддршката на инвестирањето на домашните компании.
“Не треба поголемо внимание да им се дава на странските инвеститори за сметка на домашните. Знаеме колку би можеле да бидат успешни домашните инвеститори доколку би ги имале условите кои им се нудат на странските”, рече Кучи.
Извршниот директор на Сојузот на стопански комори Митко Алексов очекува позитивните трендови од годинава да продолжат и во следната година.
“Пред се мислиме да продолжи растот на индустриското производство и зголемувањето на извозот. Очекуваме средствата за капитални инвестиции да бидат правилно искористени во делот на патната и железничката инфраструктура, но и во делот на енергетиката за изградба на 80 мали хидроелектрани и за подобрување на енергетската ефикасност во 2.440 јавни објекти ширум земјава. Токму тие проекти ќе бидат доста значајни за малите, средните, па и дел од големите претпријатија за нивното функционирање и развивање во следниот период”, рече Алексов.