Македонски и словенечки тим во финалето на Big Deal

22

slika-big-deal

Македонскиот тим составен од студенти на Правниот факултет Јустинијан Први од Скопје се избори за учество во финалето на Big Deal натпреварот, на којшто учествуваа вкупно шест тима од правните факултети од земји во регионот. Во вчерашниот завршен дел, според оценките на експертското жири составено од ментори, односно адвокати и правни експерти од Регионалната мрежа на водечки адвокатски друштва – TLA – Top Tier Legal Adriatic, во финалето беше подобар тимот од Правниот факултет од Љубљана, Словенија, наспроти тимот скопскиот Правен факултет. Домашниот тим беше составен од Александра Костеска, Христина Бачовска, Маја Вељанова, Азра Еминовиќ и Моника Здравкова. Согласно правилата на натпреварот, победничкиот тим добива тримесечна работна пракса во некоја од канцелариите на членки на TLA.

Меѓународниот натпревар за студенти по правни науки, наречен Биг Дил (Big Deal) 2016 година се одржа во Македонија, во две натпреварувачки сесии. Натпреварот на студентски тимови по право е во организација на Регионалната мрежа на водечки адвокатски друштва – TLA, а домаќин во нашата земја беше првото Адвокатско друштво кај нас, Дебарлиев, Дамески, Ќелешоска – ДДК.

“Ова е одлично искуство, при што студентите имаа можност да ги збогатат и да ги презентираат своите знаења на натпреварот од повеќе области на правото. Овој пат, тоа беше биде преку изготвување на Legal Due Diligence Report – правна анализа, како и нацрт на Договор за пренос на удел (Draft Share Purchase Agreement). За таа цел се работеше на симулација на анализа на документи и правни прашања кои требаше да се одговорат, односно проблеми коишто требаше да се решат пред да се случи преземањето на соодветното фиктивно трговско друштво. Студентите имаа можност за размена на искуство, како со своите колеги студенти од регионот, така и со истакнати професори на Правните факултети и адвокати од водечките адвокатски фирми во своите јурисдикции, и имаа можност да остварат поблиска соработка и увид во трендовите  во образованието, како и вршењето на адвокатурата во странство”, изјави Емилија Ќелешоска Шољаковска, еден од основачите и партнер во Адвокатското друштво ДДК.

Биг Дил е настан од компетитивен карактер, каде што преку практичен пример студентски тимови креираат решенија за реални ситуации од деловниот свет, а се оценувани од страна на правни експерти. Годинава, на скопскиот Биг Дил настан учествуваа вкупно шест тимови од студенти од правните факултети од Македонија, Србија, Хрватска и од Словенија, односно, два тима од Скопје, еден тим од Белград, еден тим од Крагуевац и по еден тим од Загреб и од Љубљана. Натпреварувачкиот дел се одржа во просториите на Адвокатското друштво ДДК.