Тема на денешните разговори на делегацијата на Стопанската комора на Македонија со претставници на Стопанската комора на Азербејџан беа Можностите за настап на македонски компании на азербејџанскиот пазар.
За време на посетата на македонската стопанска делегација во Азербејџан, предводена од претседателот на Комората Бранко Азески, договорено е учество на компании од Македонија на неколку значајни саемски манифестации, средување на правната рамка за билатерални економски релации, подобрување на системите за размена на информации и организирање бизнис-форум со аербејџански компании.
“Доколку се исполнат тие предуслови, констатирано е дека постои можност наскоро да ги видиме нашите производи на овој значаен регионален пазар”, соопшти Стопанската комора на Македонија.
Според податоците Република Азербејџан има БДП од 93,5 милијарди долари, а по глава на жител БДП од 10.000 долари. Извозот на Азербејџан изнесува 34,5 милјарди долари, а увоз на стоки и услуги во вредност од 10,2 милијарди долари. Досегашната размена на Македонија со оваа земја вклучува стоки од фармацевтската и прехранбената индустрија.
“Во насока на отворање нови пазари за нашите компании треба да се напомене и минатонеделниот договор на Стопанската комора на Македонија со Унијата на турските комори (ТОББ) за заеднички настап на нашите и турските компании на азербејџанскиот пазар”, соопштуваат од Стопанската комора на Македонија.