„Македонски“ само на етикетата: Трговците го прикриваат потеклото на производите

Не се само јајцата проблем на македонските пазари – многу увозни производи се декларираат како македонски, создавајќи забуна кај потрошувачите и негативно влијаејќи врз домашните земјоделци. Земјоделците укажуваат дека оваа практика одамна е присутна кај македонските трговци и супермаркети, така што многу често домашните производи се мешаат со увозни, кои, според нив, се далеку понискоквалитетни.

Изминатите години имаше бројни примери за тоа. Оризот што се продаваше како домашен во некои маркети всушност беше увезен од земјите од Блискиот Исток, додека гравот доаѓаше од Турција, Египет и Киргистан. Исто така, дел од млекото и јајцата беа увезени од Србија, а овошјето и зеленчукот доаѓаа од Турција, Грција и Албанија. Според земјоделците, ова не само што ја нарушува довербата на потрошувачите кон домашните производи, туку создава и нелојална конкуренција за македонските производители, кои инвестираат труд и ресурси за да обезбедат квалитетна храна.

-Потрошувачите сакаат да купуваат македонски производи, но кога не се јасни потеклото и квалитетот, довербата се губи. Многу често на амбалажата со ситни букви пишува увоз од Индија, а со големи букви кочански ориз. Освен кај пакуваните производи, исто така е важно и овошјето и зеленчукот кои се продаваат на тезгите на зелените пазари да имаат јасна декларација за потекло, вели за „Локално“ Тони Максимов од Националната земјоделска мрежа.

Според него, Македонија е преплавена со увозни производи, но за да не се наруши довербата на граѓаните во квалитетните домашни производи, неопходно е јасно да се наведе потеклото на секој производ.

-Потрошувачите треба да можат да препознаат дали купуваат вистински македонски производ и да имаат сигурност дека парите што ги плаќаат одат кај домашните земјоделци. Без тоа, ризикуваме македонската земјоделска продукција да остане непрепознатлива и неправедно потисната од увозот, додава Максимов.

И Ристо Велков истакнува дека инспекциските служби треба почесто да се на терен и да ја казнуваат оваа појава.

-Неопходни се засилени контроли за да се види дали увезните производи ги исполнуваат стандардите и да се заштити домашниот пазар и трудот на македонските производители. Исто така, во екот на зголемено производство од некој домашен производ треба да се стопира увозот на тој производ за да се спречи поголем пад на цената. И покрај тоа што ние сме членка на ЦЕФТА, државата има механизми како да го направи тоа, изјави Велков за „Локално“.