Македонски студенти победници на EBEC регионалниот инженерски натпревар

42

ebecbalkan2

На Техничкиот Универзитет во Софија, од 26 до 30 април се одржа регионалниот инженерски натпревар – ЕВЕС Balkan, организиран од страна на БЕСТ – Борд на Европски студенти по технологија.

Мартин Тимов, Ташо Ќосев, Александар Тасески и Александар Спасески се младите инженери кои се пласираа во финалето на БЕСТ инженерскиот натпревар и го докажаа квалитетот на високото образование во Македонија. Натпреварувајќи се во категоријата  Case Study, тие имаа задача да изработат студија за уред за спасување при природни катастрофи и за истата задача се истакнаа со најиновативното и најуникатно решение од сите тимови. Тие студираат на Факултетот за Информатички науки и компјутерско инженерство во Скопје, а веќе на 19-годишна возраст се здобија со прво место на локалниот и регионалниот инженерски натпревар организиран од БЕСТ.

Досега се натпреваруваа со студенти од целиот Балкан и со својата победа стигнаа до врвот на пирамидата составена од БЕСТ инженерски натпревари, а тоа е финалето кое ќе се одржи во Варшава, во периодот од 1 до 9 август. Тимот Камикази е еден од 30 – те тимови кој ќе учествува во процесот на пронаоѓање нови идеи и решенија на проблеми зададени од  компаниите поддржувачи на настанот и ќе се бори за првото место на натпреварот.
За повеќе информации за финалниот БЕСТ инженерски натпревар може да ја посетите веб страната – www.ebec2013.best.warszawa.pl