Македонски Телеком до крајот на септември оствари 713,6 милиони денари добивка

23

 

t-logo-01

Македонски Телеком од почетокот на годината до крајот на септември оствари вкупна сеопфатна добивка од 713.693.000 денари, покажува билансот на успех објавен на Македонска берза.

Во деветте месеци од 2015-та година, телекомуникациската компанија прикажа добивка од 964.842.000 денари.

“Приходите од продажба во деветте месеци од 2016-та година изнесуваат 7.828.168.000 денари, што претставува намалување за 0,3% во споредба со истиот период од претходната година“, стои во Образложението за работењето на Македонски Телеком.

Според интерните проценки на компанијата, на пазарот на фиксни говорни услуги има удел од 60,5%, односно 219.600 корисници на крајот од деветте месеци од годината. Приходите од говорни услуги во тој период во фиксниот сегмент се намалија за 12,6% во споредба со истиот период од претходната година поради намалениот број на корисници на фиксна телефонија за 3% и намален појдовен сообраќај за 19,4%, како и помали приходи заради помал обем на дојдовен меѓународен сообраќај.

На пазарот на мобилната телефонија, според интерните проценки, Македонски Телеком има удел од 49,6%. Базата на претплатници на крајот од деветте месеци од 2016 година изнесува 1.281.000 претплатници и е зголемена за 3,7% во однос на истиот период од претходната година кога изнесуваше 1.235.000 претплатници. Приходите од говорни мобилни услуги се намалија за 6% во споредба со истиот период од претходната година. Ова намалување, како што се наведува, се должи на зголемената конкуренција и намалување на тарифите од една страна и намалените приходи од говорен роаминг и од при пејд како и помалиот мобилен сообраќај од меѓународни дојдовни повици од друга страна.