Македонски Телеком повторно и оваа година ќе се вклучи во светската волонтерска акција Часот на планетата Земја, преку којашто со симболично исклучување на светлата ќе се испрати порака за спас на планетата.
Во рамките на акцијата, Македонски Телеком денеска со почеток од 20:30 до 21:30 часот ќе го исклучи осветлувањето во административната зграда во центарот на Скопје, односно во работните простории, во Телеком иновативниот центар, фасадното осветлување и светлечките реклами.
“Климатските промени се еден од најсериозните проблеми на денешницата, па затоа Македонски Телеком традиционално со години наназад е дел од светската акција Часот на планетата Земја, со што ја покажува својата општествена одговорност и посветеност за заштита на човековата околина. Во оваа насока, како резултат на активните мерки за заштита на животната средина и климатските промени, Маѓар Телеком Групацијата во којашто влегува и Македонски Телеком, стана прва европска телекомуникациска компанија којашто е целосно јаглерод неутрална“, стои во соопштението.
За да се постигнат целите утврдени во Стратегијата за одржлив развој, Македонски Tелеком ја зголемува енергетската ефикасност преку примена на иновативни решенија во своето работење. Намалувањето на потрошувачката на електрична енергија Македонски Телеком го постигнува пред сè со воведување на нови современи телекомуникациски технологии, како што е проектот за модернизација на мрежата, базирана целосно на интернет протокол (All IP). Неколку инфраструктурни објекти се снабдуваат со соларна енергија, а со оптимизација на работниот простор дополнително се намалува потрошувачката на греење. Контролата на потрошувачка на електрична енергија се прави и со воведување на систем за автоматско вклучување на светлата во работните простории, а во насока на заштита на животната средина, како потврда на сертификатот ISO 14001:2004, Македонски Телеком пред неколку години ги замени хартиените сметки со воведување на електронска сметка за корисниците.
Со поддршката на акцијата Час на планетата Земја, Македонски Телеком не само што дава свој придонес во подигањето на свеста за климатските промени, туку ги поттикнува и останатите компании, поединци или организации активно да се вклучат во зачувување на здрава животна средина за идните генерации.
Планетарното движење Час на планетата Земја е покренато од организацијата WWF (World Wildlife Fund), учествуваат 172 држави и е поддржано од светските метрополи.