Акционерското друштво Македонски Телеком, во период од први јануари до 30-ти септември оваа година, прикажа добивка од 964.842.000 денари, покажува билансот на успех објавен на Македонска берза.
“Вкупната нето добивка на крајот од првите девет месеци од 2015 година изнесува 964.842.000 денари и е зголемена за 99% во споредба со истиот период претходната година. Ова е резултат на промените на легислативата за данокот на добивка кои што се применливи од почетокот на јануари 2014 година со што данокот на добивка се плаќа во моментот на распоредување на дивидендата без оглед на соственичката структура“, се вели во Образложението на остварениот финансиски резултат.
Во истиот период лани, компанијата прикажа добивка од 484.919.000 денари.
“Приходите од продажба во првите девет месеци од 2015 година изнесуваат 7.852.536.000 денари, што претставува намалување од 4,3% во споредба со истиот период од 2014 година“, наведува компанијата во Образложението.
Вкупните приходи од продажба на компанијата достигнаа 7.852.536.000 денари, од кои на домашен пазар се остварени 7.204.357.000 денари, додека остатокот од 648.179.000 денари се реализирани на странски пазари.
“Македонски Телеком успеа да ја одржи водечката позиција на пазарот на фиксни говорни услуги со 61,9%, односно 227.000 корисници на крајот од првите девет месеци од 2015 година“, стои подолу во Образложението.
На пазарот на мобилната телефонија, според интерни проценки, Македонски Телеком има удел на пазарот од 47,2%.
“Базата на претплатници на крајот на првите девет месеци од 2015 година изнесува 1.235.000 претплатници и е зголемена за 2% во однос на истиот период лани, кога изнесуваше 1.210.000 претплатници“, се вели во Образложението.