Вината од македонските винарии деновиве се промовираат на Интернационалниот саем за вино и жестоки пријалоци што се одржува во Хонг Конг.
Девет винарии Тиквеш, Сковин, Стоби, Езимит, Далвина, Камник, Попов, Имако и Попова Кула организирани преку здружението Вина од Македонија ги презентираат своите производи пред увозници, дистибутери, претставници на ХоРеКА сегментот, вински критичари, новинари и сомелиери.
Саемската манифестација е најголема во овој дел на Кина и на неа своите вина ги презентираат над 1.000 изложувачи од 38 земји во светот, а саемот го посетуваат повеќе од 20.000 увозници и дистрибутери на вино.
Учеството на саемот и Националниот павиљон се поддржани од страна на Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство преку програмата за поддршка на извозот на македонски производи, во чии рамки е обезбедена финансиска поддршка за простор и штанд од 100м2.
Хонг Конг и Кина се едни од најбрзорастечките пазари во потрошувачката на вино во последните неколку години и постои голем потенцијал за пласман на македонското вино.
Промотивните активности на винариите во Кина продолжуваат и следната недела со учество на Саемот за вино во Шангај што ќе се одржи од 12 до 14 ноември.