Македонскиот биодиверзитет на Тера Мадре Салоне дел Густо 2016

27

Untitled

Македонските производители и оваа година ќе бидат дел од Тера Мадре Салоне дел Густо, најважниот меѓународен настан посветен на културата на храната што го организира Слоу Фуд од 22 до 26 септември во Торино, Италија.

На настанот ќе учествуваат 5.000 претставници од 160 земји, над 800 изложувачи, 300 президиуми на Слоу Фуд и 500 заедници за храна на Тера Мадре, јавува Миа.

Македонија ќе ги претстави президиумите Буковска пипер и Слатко од диви смокви, но и Грозјето Станушина, како и новиот президиум на Македонската медоносна пчела во рамки на заедничката презентација на президиумите од Балканот и Турција.

Годинашниот 11-ти Тера Мадре Салоне дел Густо ќе се одржува практично на улиците на Торино зашто, според филозофијата на Слоу Фуд, „добрата, чиста и здрава храна им припаѓа и треба да ја уживаат сите“.

Посетителите ќе уживаат во производи (вкусови) од пет континенти, врвни органски вина, улична храна, а ќе може да присуствуваат и на најразличните настани посветени на богатството и различноста на кујните ширум светот, како и на конференциите кои ќе отворат низа прашања од производството на храна. Организирани ќе бидат и школи за готвење и едукативни форуми за деца и семејства.

Посебна конференција е посветена на зачувување на биодиверзитетот на Балканот. На неа ќе се изврши евалуација на четирите години од проектот ЕССЕДРА, благодарение на кој беа идентификувани над 300 производи на Арката на вкусови низ целиот регион и беше изработена опсежна програма за поддршка чија цел е на помалите фармери да им обезбеди пристап до пазарите за пласирање на нивните традиционални производи, како и идентификување на предизвиците што претстојат.