Македонските контроли не идентификувале афлатоксини во пченката

50

Според досегашните контроли, Државниот инспекторат за земјоделство не идентификувал присуство на афлатоксини во пченката.

Директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство Дејан Рунтевски, соопшти дека се засилуваат контролите и се преземаат интензивни мерки за надзор на пченката што се увезува од Србија.

“Мострите од пченката за човечка исхрана се веќе земени. Првите резултати од анализите се очекуваат утре попладне или во петок”, истакна Рунтевски.

Испитувањето на микотоксините е дел од регуларниот мониторинг на Агенцијата што оваа година почна првпат да се спроведува.

Претходно, генералниот директор на компанијата за контрола, верификација, испитување и сертификација, СГС Србија, Маринко Укропина изјави дека најголемиот дел на овогодишниот род на пченка во Србија е контаминиран и во себе содржи отровни материи.

Укропина изјави дека во лабораториите на СГС Србија е утврдено присуство на афлатоксини во пченката, најканцерогеното познато соединение кое може да се најде во храната за луѓе и животни.

Според неговите зборови, контаминација на пченката е предизвикана од сушата и дека на основа на испитаните примероци може да се заклучи дека само 32% од овогодишниот род е безбеден за употреба.