Македонските млади станаа најуспешен пример за целиот свет

36

За време на пандемија, Финансиска писменост за младите е избран за најдобар светски проект за месец април 2021 година. Проектот се спроведува повеќе од една година од Глобал Шејперс Скопје Хаб, во партнерство со Народната Банка. Ова признание младите го добија од светската Заедница Глобал Шејперс, иницијатива на Светскиот економски форум, и тоа во категорија од повеќе од 4.000 проекти водени од речиси 430 хабови, во 150 држави низ светот, од над 13.000 шејпери.

Ова е посебна мотивација за нашите шејпери да продолжат со исто темпо, а во блиска иднина очекуваат поддршка и од бизнис секторот, од над 100-те веќе обучени, но и од уште поголем број амбициозни млади професионалци во нашата земја.

Во време на светска здравствена и економска криза, непредвидливост и несигурност, која трае речиси година и половина, македонските млади докажаа дека со здружена акција може да бидат пример и за младите, но и за сите со подолг стаж, во земјата и целиот свет.

Како исход од нивната проактивност во изминативе години, успешното спроведување на неколку проекти, силната соработка и размена на добри пракси на меѓународно ниво, како и разноликоста во составот на самата организација, тие нудат и 10 препораки за обликување на македонското општество:

– Тимот Финансиска писменост за младите препорачува:

  1. Да се едуцираат и обучат децата, како и сите млади до 35 години, за основите на финансиска писменост.
  2. Континуирано да се обучуваат македонските бизниси за понапредни нивоа на финансиска писменост со цел растење на странски пазари, притоа поттикнуваќи ја продуктивноста, задоволството на вработените и инклузивноста на работните места.

– Тимот Вода за промени препорачува:

  1. Правото на вода да се гарантира како основно човеково право во Уставот на државата и да се обезбеди негово почитување на сите институционални нивоа од сите чинители во општеството така што секој граѓанин да може да го почувствува тоа на своја кожа.

– Тимот Нема здравје без ментално здравје препорачува:

  1. Во овие предизвикувачки времиња луѓето да ја препознаат значајноста на менталното здравје и неговата поврзаност со физичкото здравје и проактивно да се грижат за своето ментално здравје, а Собранието да донесе прв Закон за психотерапија.

– Тимот Сајбер-заштити се себеси! препорачува:

  1. Сите граѓани, со посебен акцент на младите и децата, да се едуцираат и обучуваат за ефективна заштита во интернет светот кој е неразделен дел од нашето живеење.

– Тимот Иднина на работата препорачува:

  1. Да се подигне свеста на граѓаните за потребата од нивна доквалификација и/или преквалификација затоа што сегашната и блиска идна реалност е: зголемен број на “дигитални“ професии и поавтоматизирани процеси кои се во неразделна врска со сè поголемата потреба од меки вештини.

– Тимот (Не)совесно паркирање препорачува:

  1. Да се подигне свеста на граѓаните за важноста од совесно паркирање и придонесот кој тоа го има во почитување на правата на другите учесници во сообраќајот како и во заштита на природата.

– Тимот И јас грешам препорачува:

  1. Да се охрабрат младите да бидат најактивни агенти за промени кон понапредно општество, да го развиваат претприемачкиот дух и да ги промовираат придобивките од социјалното претприемништво.

– Заеднички, тимот шејпери Визии за Скопје и Македонија до 2070 и тимот шејпери Соработка за 17 Цели за одржлив развој 2030 препорачуваат:

  1. Да се зајакне свеста на сите поединци кон придобивките од позитивниот и проактивниот начин на размислување и делување, зголемување на самопочитта и зајакнување на заедничката соработка кон поуспешно остварување на Целите за одржлив развој до 2030 година и Визиите за Македонија до 2070 година.
  2. Од сите чинители во општеството воедначено и редовно да се мери напредокот на резултатите, исходот и влијанието во рамките на општите индикатори од Водичот Визии за Македонија 2070“, така што во најблиска иднина во сите документи од типот: стратегии, планови, програми, збирни извештаи… заеднички да се дефинира и Индекс на посебни индикатори за мерење на резултатите, исходот и влијанието и тоа на секое општествено ниво во нашата држава: меѓународни и домашни институции, комори, сојузи, здруженија, фондации, политички партии, бизниси, самостојни професии…

Глобал Шјеперс Скопје Хаб воедно е и активен дел од првиот глобален план за закрепнување воден од младите Ја градиме нашата иднина при што неодамна организираше 5 дијалози со говорници од 14 земји и воспостави осум соработки. Македонските амбициозни млади продолжуваат да бидат наши амбасадори во светот и успеваат да досегнат онаму до каде што никој во нашето општество досега не успеал да досегне. Токму затоа ја заслужуваат и нашата широка општествена поддршка.