Македонско – германското стопанско здружение со јубилеен Октоберфест во Скопје

61

oktoberfest

Заменик амбасадорот на германската амбасада во Македонија, г-дин Марко Акватичи, директорот  на германската стопанска комора во РМ, Мартин Кнап и директорот на компанијата Феникс Фарм, г-динот Владимир Дренковски, традиционално го отворија десеттиот Октоберфест на Македонско-Германското стопанско здружение во Скопје.

“Октоберфест се слави веќе 200 години во Минхен и на овој настан доаѓаат шест милиони посетители. Особено ми е мило дека прославата на Октоберфест во Скопје прерасна во една традиција и кога ќе се сетам на нашиот прв Октоберфест, каде што поздравивме само 150 гости и 10 години подоцна кога сме домаќини на 1.600 гости, убеден сум дека успеавме да ја пренесеме оваа германска традиција и автентична Октоберфест атмосфера во Скопје”, изјави директорот на германската стопанска комора во РМ, Мартин Кнап.

Десеттиот Октоберфест беше отворен на традиционалниот начин на кој се отвора и Октоберфест во Минхен – со дрвен чекан беше пробиен чепот на првото буре со пиво, а со изреката “О’zapft is“ (тапата е отворена).

На овогодишниот Октоберфест на Македонско- Германското стопанско здружение во Скопје, главен спонзор беа компаниите Феникс Фарма и Ел Фарма, две компании – членки на Phoenix Group од Германија, европски лидер во фармацевтската трговија на големо, кои во Македонија работат успешно веќе 15 години.

Гостите прославуваа во вистинска опуштена Октоберфест атмосфера, уживаа во бели и црвени колбаси, печено пиле, свинска коленица, подготвени на традиционалниот баварски начин. Тие наздравуваа со Скопско, Златен Даб, Ердингер и со вкусните вина на Тиквеш, а за доброто расположение се погрижија два бенда, стои во соопштението.

„Организацијата на Октоберфест во Скопје прерасна во традиција. Овој настан е од големо значење за градот Скопје, тој е важен за соработката како на економски, така и на културен план помеѓу нашите две земји. Јас сум за прв пат на овој настан и засега сум воодушевен од тоа колку успешно е пренесена минхенската Октоберфест атмосфера во Скопје“, изјави Марко Акватичи, заменик амбасадорот на германската амбасада во Македонија.

Македонско-Германското стопанско здружение (МГСЗ) е основано 2000 година во Скопје по иницијатива на Унијата на Германските комори за индустрија и трговија од Берлин. Со своите 190 компании – членки тоа претставува најголемо билатерално здружение во Македонија, кое игра значајна улога во застапувањето на интересите и активното поврзување на компаниите кои учествуваат во економските односи меѓу Германија и Македонија. Македонско-Германското стопанско здружение и Претставништвото на Германското стопанство во Македонија се дел од мрежа на 130 канцеларии на Германското стопанство во 120 земји во светот.