Министерот за економија Ваљон Сарачини заедно со државниот секретар во Кабинетот на премиерот на Унгарија Петар Сијарто, вчера во просториите на Стопанската комора на Македонија го отворија Македонско-унгарскиот бизнис форум.
Покрај стопанственици од Македонија, на форумот учествуваа и претставници на дваесеттина унгарски компании, чија цел е да воспостават деловни контакти со македонски компании од различни стопански дејности.
„Се надевам дека потенцијалите за соработка меѓу двете земји во иднина ќе бидат искористени, а уверен сум дека тие потенцијали се бројни. Ги повикувам унгарските инвеститори да ги искористат поволностите што ги нуди Македонија и да инвестираат кај нас”, рече министерот.
Сарачини пред стопанствениците ги претстави мерките на Владата за зголемување на атрактивноста на земјата за инвестирање, преку подобрување на деловното опкружување со спроведување на структурни реформи, одржлива макроекономска и фискална политика, зголемување на конкурентноста и поддршка на претприемништвото, агресивна извозна и инвестициона промоција, како и преку примена на моделот јавно-приватното партнерство.
“За странските инвеститори има многубројни фискални поволности за инвестирање, особено во ТИРЗ-те, воведување и задржување на најниски даноци во Европа и олеснување на постапките за вршење бизнис”, истакна Сарачини.
Министерот информираше дека во насока на продлабочување на соработката со Република Унгарија посебно внимание заслужуваат можностите за инвестирање во енергетските и инфраструктурните проекти, туризмот, потенцијалите за експлоатација на минерални суровини, заеднички проекти за научни и иновативни истражувања и слично.
Секретарот Сијарто истакна дека бизнис форумот е доказ за намерата на Република Унгарија во интензивирање на соработката со Република Македонија на економски план, а воедно ја истакна и поддршката што ја дава Унгарија во однос на интегрирањето на Македонија во Европска Унија и НАТО Алијансата.
Според податоците трговијата на билатерална основа во 2012 година изнесувала 61,7 милиони долари, што претставува пораст од 1% споредено со 2011 година.
Податоците покажуваат и раст на извозот од 9,2% и раст на увозот од 5,8% во 2012 година, во однос на 2011 година. Од аспект на првите три месеци на 2013 година, вкупната билатерална трговска размена изнесува 13,4 милиони долари. Во однос на трговијата на Република Македонија со Европската Унија, учеството на Унгарија е над 1%, додека покриеноста на увозот со извозот изнесува 17,3%.