Макпрогрес со раст на извозот за 28%

31

MakProgres

Кондиторската фабрика Макпрогрес од Виница, во првите пет месеци од годинава оствари извоз од 3.308 тони производи во вредност од седум милиони долари, што претставува раст од 28% во однос на истиот период лани.

Макпрогрес претходно објави дека инвестирала три милиони евра во 2013 година во два нови производни погони за кондиторски производи во Виница и производи во делот на здрава исхрана во Скопје. Со инвестиција од еден милион евра во новата палета здрави производи Натура, Макпрогрес на почетокот на годинава го збогати своето портфолио на познатите производи на брендовите Винчини, Армониа, Сончева Долина и 30 други брендови.

Во текот на оваа година, Макпрогрес планира и дополнителна инвестиција во производите Натура од уште еден милион евра во проширување на капацитетите и асортиманот на производи, информираа од компанијата.

Минатата година беше една од најуспешните години во работењето на Макпрогрес, со остварени рекордни резултати од продажбата на домашен и на странските пазари. Вкупниот промет за прв пат надмина 20 милиони евра, а произведени се 10.000 тони готови производи, од кои 70% се извезени на пазарите на 42 држави низ светот.

Компанијата брои 400 вработени и остварува 44% од вкупниот извоз на кондиторски производи.