Макпрогрес Виница, приказна што трае 25 години: За успех треба оптимизам, упорност и подготвеност да се ризикува

328

2l

Макпрогрес Виница е успешна семејна компанија која оваа година слави 25 годишен јубилеј. Во 25 годишното постоење, Макпрогрес преку континуирани инвестиции и висока стапка на раст стана една од најголемите прехранбени индустрии во Македонија и водечки извозник од прехранбената индустрија веќе две години по ред. Во своето производно портфолио, компанијата има преку 300 производи што се пласираат под пет главни брендови и педесетина суб-брендови, интернационално регистрирани марки на Макпрогрес Виница.

“Компанијата Макпрогрес е основана со почетен капитал од две бироа, телефон и факс машина. Канцеларијата и магацинскиот простор се наоѓаа во подрумот, гаражата и во половина од собите во нашата семејна куќа. Тоа беше една од првите приватни компании кои отпочнаа да работат во регионот и основна дејност беше трговија на големо со прехранбени производи. Подоцна дејноста ја проширивме со локален ланец на маркети во нашиот град, а во 1996 година го лансиравме првиот наш бренд на стоки за широка потрошувачка – Сончева Долина. Денес тоа е бренд на производи кој е широко познат кај домаќинките, а се состои од широка палета на зрнести и прашкасти производи потребни за секоја кујна”, вели Глигор Цветанов, извршен директор на Макпрогрес Виница.

cvetanov
Глигор Цветанов, извршен директор на Макпрогрес доо Виница

Натура – нова програма на здрава храна

Согледувајќи ги потребите на пазарот и барањата на потрошувачите, по неколку бизнис планови за различни производни групи како бисквити и чипсови од компири, менаџментот се одлучува да влезе во производство на производи на база на пандишпан – тортички, ролати и мини ролати. Во тој момент на територијата на бивша Југославија има само еден единствен производител и тоа во Словенија, а голем дел на овој тип на производи доаѓаа од Италија.

“Предизвикот беше огромен. Пробното производство отпрвин не беше успешно. Се соочувавме со доста долго пробно производство и последните обртни средства ги потрошивме на сировини од кои не можевме да произведеме готов производ спремен за на пазарот. Ролатите и тортичките или беа препечени или недопечени или не се формираше готов производ со полнење, па целото производство кое излегуваше патуваше единствено до една дестинација – градската депонија во Виница. На технологот кој го добивме од добавувачот на опремата, после 60 дена непрекинати проби и правење на расходи му се заблагодаривме за големата штета што ја направи и му ја откажавме соработката. Дојде до момент кога се размислуваше да се стави клуч на фабриката, а нововработените да се отпуштат. Во тие моменти на искушенија, оптимизмот надвладеа и со многу упорност и собирање на знаење и техничка помош, отпочнавме со производство.

Од денешна гледна страна, овој момент го гледам како клучна точка во развојот на компанијата бидејки ако тогаш не се успееше, ќе следеше неминовно затворање на фабриката и најверојатно тоа ќе ги повлечеше и другите дејности во пропаст. Но, како што нагласив, оптимизмот, спремноста за ризик и најважниот момент: да не се откажуваме од намерата, беа пресудни да се извлечеме од ситуацијата и да направиме пресврт”, вели Цветанов.

3lТака настанаа познатите слатки кондиторски производи под брендот Винчини. Се покажа дека инвестицијата е направена во вистинско време. Производите беа прилагодени на вкусот на потрошувачите и продажбата направи вистински бум на пазарот. Капацитетот кој на почеток изгледаше голем, за брзо време стана мал, па следеа уште похрабри инвестиции во втора линија за истите производи. Со ширење на пазарите, се ширеше и производното портфолио преку инсталирање на уште неколку линии за производство на најразлични кондиторски производи.

Од минатата година, Макпрогрес на кон своите брендови ја додава новата програма на здрава храна под трговската марка Натура и отвора производен погон во Скопје. Соочувајќи се со предизвици да се лансира линија на производи во пазарен сегмент со веќе етаблирани конкуренти, да се биде поразличен – попрепознатлив од останатите, да се позиционира во средно високата класа, да биде дел од животот на сите членови на семејството и да се влијае врз промената на ставовите и перцепциите за начинот за конзумирање, производите Натура по својот дизајн, практичноста и достапноста на информации на амбалажите се нешто по што дефинитивно се издвојуваат над сите производи во категоријата. Во завршна фаза е изградбата на уште една фабрика за Натура којашто е лоцирана во Виница и која ќе обезбеди проширување на капацитетите и асортиманот на производи.

natura

Брендот Винчини: Амбасадор на македонската кондиторска индустрија

Макпрогрес е силно извозно ориентирана компанија со редовно присуство на пазарите на над 40 држави ширум светот. Успехот на Макпрогрес се должи токму на ориентацијата кон извозните пазари, а извозот и понатаму ќе биде главен двигател и потенцијален генератор на раст.

“Нескромно може да се пофалиме дека Макпрогрес со брендот Винчини е своевиден пионер – Амбасадор на кондиторската индустрија, кој прв отворено се осмели да излезе на странските пазари и преку организиран и системски пристап да креира перцепција за македонската кондиторска индустрија како квалитетен и конкурентен играч во регионални и светски рамки”, вели Цветанов.

Според него, за да се биде успешен извозник, најбитно е да се има конкурентен производ. Ова подразбира инвестирање во новите технологии за производство, силен тим за истражување и развој, одлично менаџиран производен процес и висока продуктивност.

“Нашата политика е да се понуди квалитет за прифатлива цена и да се реагира брзо и соодветно спрема потребите на пазарот. Секако, неопходно е и сертифицирање на производните процеси спрема ИСО, Хаццп, Халал, ИФС, Кошер стандардите”, додава Цветанов. 

1l

Нашата цел е да станеме лидер во регионот и прв избор на потрошувачите

Компанијата оваа година прославува јубилеј од 25 години постоење. Јубилејот ќе го одбележи со најголема инвестиција досега, преку четири милиони евра во нови производни хали и опрема за производство. Освен овие инвестиции, 2015 година ќе биде година и на пазарен фокус и инвестициите ќе бидат насочени и кон проширување на постојните и освојување на нови пазари.

Во последните 12 години, компанијата бележи двоцифрена стапка на раст, што се должи на континуираните инвестиции во капацитет и асортиман на производи, како и на континуираните подобрувања на процесите и на производите. Минатата година, со 430 вработени, Макпрогрес Виница оствари производство од 12.000 тони, од кои 75% беа извезени во над 45 држави.

“Ние сме компанија која и покрај успесите што ги има, не застанува на едно исто место. Плановите за развој на Макпрогрес освен во развојот на производните капацитети се базира и на континуирана обука и доедукација на менаџерите и на вработените, па така за наредниот период планираме интензивни обуки на менаџерите на средно ниво за подобрување на нивните перформанси. Со инвестициите и неуморното работење поставуваме планови за раст и развој и во наредните години. Нашата цел е да станеме лидер во регионот и прв избор на потрошувачите”, потенцира Цветанов.