Макрон ги враќа клучните фабрики во Франција

16

Францускиот претседател Емануел Макрон претстави план за враќање на производството на клучни лекови во Франција, од антибиотици до парацетамол, за да се реши недостигот на увезени производи.

Владата подготви список од 450 молекули за кои е од клучно значење да се обезбедат синџири на снабдување, рече Макрон за време на обиколката на фармацевтските лаборатории како дел од посетата на департманот Ардеш во регионот Оверњ-Рона-Алпи во јужна Франција.

„Списокот опфаќа основна листа од 50 лекови“, рече Макрон, додавајќи дека производството на половина од тие лекови ќе биде вратено во Франција или значително ќе се зголеми во наредните недели.

„Долгорочното решение, за да избегнеме недостиг во нашите аптеки, е да ги вратиме нашите фабрики. Се обидуваме да го направиме тоа за многу лекови“, напиша Макрон на Твитер пред посетата.

Тој во твит ја спомена и инвестицијата од 22 милиони евра на британската фармацевтска компанија GSK во модернизација на фабриката за антибиотикот амоксицилин во департманот Мајен во северозападна Франција и во отворањето нови работни места. Недостигот на амоксицилин, кој се користи за лекување на воспаленија кај деца, е чест во Франција, забележува Ројтерс.