
Во Македонија се регистрирани 173 мали семејни винарии. Eдна од нив е и винаријата Брзанов од Скопје каде што денеска во посета беше министерот за земјоделство шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски.
При денешната посета на винаријата Брзанов, министерот Николовски истакна дека малите семејни винарии се успешна приказна на која сите треба да бидеме горди.
Тој посочи дека приказната за развојот на малите семејни винарии започнува во 2019, создавајќи законска можност за регистрација на физички лица како производители на вино.
– Нашите вредни лозари, кој со години за своја душа си произведуваат убаво домашно вино, на овој начин добија можност, да создадат мала семејна винарија со капацитет до 50.000 литри. Можност да своето вино, произведено од сопствено грозје, да го продаваат слободно и легално од куќен праг. Затоа креиравме посебна, нова, програма за поддршка на малите винарии. Програма со која преку грант поддршка до 10.000 евра ги поддржуваме малите винарии да набават опрема за производство, посочи Николовски.
Додаде дека преку транспарентна и законска постапка, од двата јавни повици, досега со грант поддршка за набавка на опрема поддржани се 145 мали винарии.
Ги повика пратениците да го донесат новиот закон за вино со кој, како што посочи, лозарите ќе имаат гарантирана откупна цена, но и нова посебна програма за финансиска поддршка.











