Марами декорирани со мастило направено од јаглеродни честички

21

img_5622

Фото: Kelly Gijsen

Кели Гијсен, дизајнерка од Холандија, во соработка со индискиот старт – ап Graviky Labs создаде палета на марами декорирани со мастило коешто е направено од јаглеродни честички, пишува Dezeen.

Мастилото, наречено Air Ink, за да функционира ги користи штетните честички од воздухот што ги испуштаат возилата и оџаците.

Процесот започнува со уред наречен Kaalink, што ги собираа саѓите, односно нечистотијата од овие објекти. Собраните саѓи потоа се подложени на разни процеси со цел да се отстранат тешки метали и канцерогени честички. Финалниот производ е боја богата со јаглерод што се користи за правење на мастила и бои.

Пред соработката на Гијсен со Graviky Labs, мастилото Air Ink се користеше само за боење на ѕидови и кај пенкалата. Дизајнерката му најде нова употреба – кај марами што се целосно направени од органски памук и достапни во широка палета на природни бои од индиго до сенф – жолта.

Секој дизајн вклучува декорација од страна на Гијсен и според неа количината на мастило искористено за секоја марама е направено од приближно 150-минутно загадување од возилата.