Сојузот на стопански комори на Македонија (ССК), заедно со Бизнис центарот на Скопски плански регион денеска организираат заеднички настан Маркетинг, брендирање, иновации – Холандски програми за поддршка на мали и средни претпријатија (МСП) во Македонија, пишува Миа.
На настанот ќе биде извршена презентација на холандските програми за поддршка на малите и средни претпријатија во Македонија, на кредитните линии за енергетска ефикасност на ЕБОР WEB Seff 2 и на УСАИД финансиската поддршка за иновации во МСП.
Предвиден е и едукативен дел за вработените во малите и средни претпријатија за маркетинг и брендирање. Ќе се едуцираат како да се создаде вредност за потенцијалниот потрошувач, преку градење препознатлив бренд и позитивна и долгорочна профитабилна релација со потрошувачите и дека маркетинг комуникацијата во современото опкружување треба да биде уникатна, диференцирана и релевантна за целната група.
Најавено е обраќање на Митко Алексов, извршен директор на ССК и Розалија Карчицка Василевска, проектен координатор на Бизнис центарот на Скопски плански регион.
Сојузот на стопански комори на Македонија и Советот за развој на Скопски плански регион, потпишаа меморандум за соработка на 3 март годинава во насока на развивање поволни услови за работа на бизнис секторот во општините, зголемување на инвестициите, ефикасност на администрацијата, соодветна инфраструктура и партнерство со индустријата како клучни за подобрување на деловно опкружување.