Mars повлекува производи од 55 земји поради остатоци од пластика во чоколадо

75

mars-and-snickers

Американскиот производител Mars повлекува дел од својот асортиман на чоколади поради присуство на пластика во нив. Повлекувањето на чоколадите, што ќе зафати 55 земји во светот, може да значи загуба од десетина милиони долари за компанијата, пишува Гардијан.

Оваа одлука на Mars следи откако купувач во Германија купил Snikers во којшто забележал црвена пластика во внатрешноста на чоколадото. Откако примерокот бил вратен назад во фабриката во Холандија, било утврдено дека станува збор за парче пластика од заштитна покривка што се користи во процесот на производство.

Производи во коишто би можело да се најдат остатоци од пластика се: Mars, Snikers, Milky Way, Mini Mix и Celebrations. Од компанијата велат дека повлекувањето е доброволно направено, како мерка за претпазливост.

Од Mars во Германија велат дека серијата на спорни чоколади има рок на употреба од 19-ти јуни 2016 до осми јануари 2017 година.

Од Агенцијата за храна и ветеринарство на Македонија (АХВ) информираат дека немаат добиено нотификација преку Системот за брзо предупредување за храна и храна за животни (Rapid Alert System for Food and Feed) на Европската унија, дека чоколадите Марс, Сникерс, Милки веј, Веј минис и Минијатурис се небезбедни.

“Агенцијата е во тек и ги следи информациите за повлекувањето на дел од овие производи од германскиот пазар од страна на компанијата производител, поради појава на пластика во производите. Доколку  добие нотификација преку Системот за брзо предупредување за храна и храна за животни (Rapid Alert System for Food and Feed) на Европската Унија дека небезбедни производи од овој производител се наоѓаат на македонскиот пазар, Агенцијата за храна и ветеринарство ќе постапи соодветно и истите ќе ги отстрани од пазарот“, стои во соопштението на АХВ.