Маск на Г20: Вонземјани, длабоки тунели, транспорт на ракети (Видео)

180

Седејќи во мрак, облечен во традиционална индонезиска кошула и опкружен со свеќи, Илон Маск понуди визија за иднината која вклучува вонземјани, длабоки тунели и ракетен транспорт.

Сопственикот на Твитер преку видео-врска разговараше со деловните лидери во Бали на маргините на самитот на Г-20, а на црниот екран му беа видливи само лицето и рацете.

„Ја загубивме моќта три минути пред овој повик. Затоа сум целосно во темнина“, му рече тој на индонезискиот тајкун-модератор Аниндји Бакрие.

Маск беше прашан зошто не отпатува на тропскиот индонезиски остров, а новиот шеф на Твитер се пошегува дека неговата „оптовареност во последно време е доста зголемена“ откако го презеде гигантот од социјалните мрежи.

ој не кажа многу за неговата контроверзна аквизиција, која вклучуваше отпуштање на илјадници вработени и воведување наплата за верификација.

Наместо тоа, разговорот се сврте кон тунели ископани длабоко под земја за борба против метежот, патување со ракети низ светот за помалку од еден час и откривање на вонземски живот во вселената.
„Можеме да најдеме вонземски цивилизации или да откриеме цивилизации што постоеле пред милиони години“, рече тој.

„Мислам дека тоа би било неверојатно интересно, да се оди таму и да се истражува галаксијата“.

Извршниот директор на „Тесла“, производителот на електрични автомобили, потоа зборуваше за предностите на тунелите во однос на летечките автомобили во борбата против сообраќајниот метеж.

„Електричните возила и тунелите се апсолутно одговор на најлошиот можен метеж во кој било град, бидејќи можете да одите длабоко колку што сакате додека не се реши метежот“, рече тој.

Освен неговиот поглед на иднината на Индонезија како земја во развој, разговорот најмногу се фокусираше на неговиот чуден и смел поглед на иднината на Земјата.