Маск за Сандерс: „Постојано заборавам дека сè уште си жив“

76

Извршниот директор на компаниите Спејс екс и Тесла, Илон Маск го исмеа американскиот сенатор Берни Сандерс, откако тој побара од богатите праведно да го плаќаат својот дел од даноците.

„Мораме да бараме од екстремно богатите да го платат својот фер дел. Точка“, напиша 80-годишниот Сандерс на Твитер.

Маск одговори: „Постојано заборавам дека сè уште си жив“, пренесе Ројтерс.

Маск, кој неодамна продаде акции на Тесла вредни 6,9 милијарди долари, го праша Сандерс дали сака да продаде повеќе акции.

„Само кажи“, му рекол Маск.

Маск минатата сабота на Твитер напиша дека ќе продаде 10 отсто од своите акции во „Тесла“ доколку корисниците на оваа социјална мрежа го поддржат тој предлог.

Во анкетата учествувале повеќе од 3,5 милиони следбеници на Маск, а 57,9 отсто од нив го заокружиле одговорот „да“.

Американската ТВ станица CNBC објави дека Маск се соочува со данок од над 15 милијарди долари во следните неколку месеци, што веројатно е вистинската причина поради која продава акции.