Одгледувањето на лешници поради обезбедениот пласман и добрата клима станува сè попопуларно во Хрватска. Цената во Хрватска се движи околу осум евра за килограм. Во Италија цената е подобра, но се бара количина што, за разлика од Турција, Хрватска не може да ја испорача, јавува ХРТ.
Лешниците не се одгледуваат само поради плодот, туку и поради маслото кое добро се плаќа затоа што го нема доволно на пазарот – 25 евра за литар. Маслото од лешник е хит на европскиот пазар и освен во гастрономијата, претежно се користи во козметичката индустрија.
Мала компанија во Дарувар, Хрватска, откупува лешници од кои потоа произведува органско, ладно цедено масло кое веднаш се пласира на пазарите во Франција и Белгија. Остатокот од пресувањето не се фрла. Тој се суши и се меле во меко брашно без глутен. Лушпите се продаваат за биомаса, а густиот талог од тенковите се продава во кондиторската индустрија.