
Масовниот туризам се враќа во Европа по три години ограничувања, а бројките на некои од најпопуларните летни дестинации ќе ги соборат рекордите од 2019 година.
Растот на туризмот во Европа оваа година првенствено е поттикнат од посетителите од САД, кои се потпираат на силниот долар, а во некои случаи и на парите заштедени за време на пандемијата, пренесува АП.
На американските посетители не им пречат високите цени или големата гужва и имаат значителна куповна моќ.
Шпанскиот министер за туризам, Хектор Гомез, вели дека ова е „историско лето за туризмот“, бидејќи 8,2 милиони туристи ја посетиле неговата земја само во мај, соборувајќи го рекордот втор месец по ред.
Некои шпански синџири на хотели, пак, велат дека бројот на резервации во првите недели од летото расте нешто побавно, поради значителното зголемување на цената на летовите и сместувањето.
Грција очекува 30 милиони посетители оваа година, што е сепак помалку од рекордот од 34 милиони туристи од 2019 година.
И покрај зголемениот интерес на туристите во однос на претходните години, бројот на патувања во и околу Европа е за 10 отсто помал од 2019 година, објави Светската туристичка организација (UNWTO).
Една од причините е помалиот интерес на туристите за посета на земји кои географски се блиску до војната во Украина, како Литванија, Финска, Молдавија и Полска.
Покрај тоа, кинеските туристи не се целосно вратени во Европа. Бројот на летови од Кина и други земји во азиско-пацифичкиот регион е намален за 45 отсто во споредба со 2019 година.











