Фото: MasterCard
Компанијата MasterCard претстави кредитна картичка којашто поседува сензор за отисок на прст. MasterCard, којашто обработува повеќе од 65.000 трансакции секоја минута во светот, објави дека ќе почне да ја употребува оваа картичка по успешно тестирање во Јужна Африка, пишува CNBC.
Технологијата функционира на ист начин како и системот на плаќање со мобилен телефон, односно корисникот мора да го стави прстот на сензорот при плаќање.
Шефот за безбедност на MasterCard, Ајаи Бхала вели дека оваа технологија нуди дополнителна сигурност и погодност на клиентите, бидејќи отисокот на прст не може да се украде.
Експертите за безбедност велат дека користењето на отисок од прст не е целосно сигурно, но дека тоа сепак е разумно користење на биометриската технологија.
Карстен Нохл од лабораторијата за истражување на безбедност во Берлин, вели дека за злоупотреба е потребно само стакло или нешто што сопственикот на картичката претходно допрел, но додаде дека оваа технологија е подобра од онаа која сега се користи, пишува BBC.
“Во комбинацијата на чип и ПИН, послаб елемент е пинот“, вели Нохл.
Биометриската верификација ќе се користи само во продавниците, а онлајн плаќањето ќе се одвива како и досега.