МаСВА годишна конференција: Користење на отпадот како инвестициска можност во Македонија

37

maswa

Македонската асоцијација за управување со цврст отпад МаСВА, со мандат на национално членство во Меѓународната организација ISWA, на 21 октомври во Скопје ќе одржи годишна конференција под наслов Користење на отпад како инвестициска можност во Македонија.

Како и претходната година, овогодинешната конференција ја гарантира урамнотежената комбинација на меѓународно реномирани говорници и интересен увид во најновите научни и технолошки достигнувања. Со конференцијата се предвидени три сесии, во кои ќе се претстават 14 интернационални и четири домашни експерти и компании во доменот за Управување со отпад.

Активностите на МаСВА директно се поддржани од страна на Кабинетот на Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорѓе Иванов. Активно учество на конференцијата потврди министерот за животна средина и просторно планирање, г. Нурхан Изаири, кој ќе им се обрати на присутните. Конференцијата разбуди голем интерес и кај претставниците на меѓународните дипломатски тела кои париципираат како активни слушатели.

Следејќи ги европските трендови за промовирање на одржлив развој и реализација на одржливото управување со отпадот во Македонија, конзорциум од шест правни лица дојдoa на идеја за формирање на Македонската Асоцијација за Цврст Отпад – МаSWA. Идејата е реализирана во декември 2013 година, со формирање на МаSWA како невладина и непрофитна организација, со цел за доминација на практични стручни знаења и професионално управување со отпадот. Веќе во 2015 година МаSWA станува  полноправен национален член и претставник на Македонија во Меѓународната организација за цврст отпад ISWA – International Solid Waste Association. Денеска МаСВА брои 20 активни членови со тенденција за рапидно проширување.