Паметните часовници нудат низа можности, но во одреден момент мора да ги извадите за да ги наполните. Matrix PowerWatch не мора да го вадите од рака. Ова е прв паметен часовник што не мора да го полните бидејќи работи со користење на телесната топлина. Matrix PowerWatch е дизајниран така што топлината на телото ја претвора во електрична енергија што го полни додека го носите. Полнењето престанува во моментот кога ќе го извадите од рака, а почнува да полни кога ќе го ставите на рака. Часовникот освен времето, ги мери потрошените калории, нивото на активност и сон.
“Оваа термоелектрична платформа го прави возможно напојувањето на широк спектар на производи, без потреба за заменливи батерии или надворешен извор на енергија“, вели Акрам Боукаи, коосновач на Matrix.
За оваа иновација, американскиот тим започна кампања за собирање средства на платформата Indiegogo, а ако сè оди според планот, во октомври наредната година би требало да се започне со производство.