McDonalds на суд: Поранешни сопственици на франшизата ја тужат компанијата

135

Повеќе од 50 Афроамериканци, поранешни сопственици на франшизата за рестораните за брза храна McDonalds, ја тужат компанијата за расна дискриминација и бараат оштета во висина од милијарда долари, пренесуваат американски медиуми. 

Тужителите изјавуваат дека McDonalds ги принудувал црномурестите партнери да отвораат ресторани во економски непогодни локации со мали можности за развој на бизнисот, наспроти белите партнери кои добивале подобри услови и локации. 

Таквата дискриминација, велат тужителите, ги ставала црномурестите сопственици во незавидна позиција за водење бизнис што честопати доведувало до стечај.  

Џим Фераро, адвокат на тужителите, тврди дека поради таа политика, бројот на франшизите McDonalds водени од Афроамериканци во САД од 1998 година досега се намалил од 377 до 186.

Тужбата е поднесена во федералниот суд во Чикаго, каде што се наоѓа и седиштето на компанијата.

Самата компанија негира дека врши расна дискриминација во однос на политиката со франшизи и е подготвена да ја бара правдата на суд. 

“Ние сме убедени дека фактите ја покажуваат нашата посветеност на идејата за еднакви можности за водење бизнис и почитување на етничко – расната различност во целиот систем на McDonalds, вклучувајќи ги нашите франшизи, снабдувачи и вработени“, стои во соопштение на компанијата. 

Фото: Facebook