
Продажбата на електрични автомобили (ЕВ) ќе порасне на 17 милиони во 2024 година од 14 милиони во 2023 година, а пристапните цени и развојот на инфраструктурата се клучни за идниот раст, според прогнозата објавена денеска од Меѓународната агенција за енергија (ИЕА).
Се очекува дека оваа година само во Кина ќе бидат продадени 10 милиони електрични возила, пренесува Ројтерс.
– Ниските маржи, нестабилните цени на металите на батериите, високата инфлација, како и постепеното укинување на стимулациите за купување во некои земји ја зголемија загриженоста за стапката на раст на индустријата за електрични возила, но податоците за глобалната продажба остануваат силни – се вели во соопштението на ИЕА.
Агенцијата со седиште во Париз проценува дека оваа година повеќе од 20% од вкупната продажба на сите видови автомобили ќе бидат електрични возила. Глобалната продажба на ЕВ во првиот квартал од 2024 година порасна за 25 отсто на годишно ниво, но уделот на продадените електрични автомобили значително варира во зависност од регионот, се истакнува во извештајот.











