Новите трендови во информатичката и комуникациска индустрија и регулацијата на електронските комуникации, предизвиците од дигитализацијата на вкупната индустрија, иновативните апликации кои се предизвик на традиционалните телекомуникациски оператори и начините како државите можат да се справат со нив, се дел од темите на кои регулаторите на телата за електронски комуникации од регионот и Европа ќе разговараат на 4. Меѓународна регулаторна конференција што денеска и утре се одржува во Охрид, јавува Миа.
Новите технологии, истакна директорот на Агенцијата за електронски комуникации на Македонија Сашо Димитријоски на отворањето на конференцијата, носат и закани со себе. Како еден од предизвиците на новото време ја посочи сајбер безбедноста. Според него, сајбер просторот не е целосно регулиран со што се овозможува компјутерскиот криминал да биде едноставен и евтин за извршување.
“Компјутерските напади врз информациските системи и мрежите мотивирани од криминални побуди стануваат се поголема глобална закана. Сајбер безбедноста е многу важно прашање за сите бизниси и со зголемувањето на бројот на нови уреди поврзани на интернет неговата важност се зголемува“, истакна Димитријоски, посочувајќи дека во насока на тоа македонскиот центар за одговор на компјутерски инциденти ќе ја презентира својата работа.
На конференцијата, посочи, присуствуваат и државите со кои Македонија има склучено договор за намалување на роаминг услугите, Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина, и од 1 јули стапува второто намалување на цените на роамингот со овие земји.
На Меѓународна регулаторна конференција, чиј домаќин е АЕК, учествуваат претставници од регулаторните тела за електронски комуникации од Босна и Херцеговина, Турција, Албанија, Косово, Црна Гора, Србија, Полска, Украина и Литванија.