Меѓународната агенција за енергија ја обвинува Русија за кризата во Европа

40

Меѓународната агенција за енергија (ИЕА) ја повика Русија да испрати повеќе гас во европските земји за да помогне во ублажувањето на енергетската криза, и стана првиот голем меѓународен орган што се занимава со тврдењата на трговците и странските претставници дека Москва намерно ги ограничила своите резерви.

Од седиштето на ИЕА во Париз соопштија дека Русија, додека ги исполнува долгорочните договори со европските клиенти, ја снабдува Европа со помалку гас отколку пред пандемијата на коронавирусот.

„ИЕА верува дека Русија би можела да направи повеќе за да ја зголеми достапноста на гас во Европа и да се осигура дека складиштата ќе се пополнат на соодветно ниво во рамките на подготовките за претстојната зимска грејна сезона“, се вели во соопштението на ИЕА, првенствено финансирана од членовите на ОЕЦД за совети за енергетска политика и безбедност. „Ова е исто така можност за Русија да ги истакне своите ингеренции како сигурен снабдувач на европскиот пазар“, се додава.

Некои европратеници побараа истрага против „Газпром“, рускиот монополски извозник на природен гас. Странските официјални претставници и трговци се прашуваа зошто компанијата има ограничена дополнителна продажба на пазарот во Европа, велејќи дека тоа поттикна скок на цената што ги зголемува сметките за домаќинствата и им се заканува на индустриите низ целиот континент.

Како што велат, „Газпром“ ги „пореметил“ трговците со енергија со тоа што подземните складишта што ги контролира во Европа ги држи на ниско ниво во споредба со претходните години, пишува „Фајненшел тајмс“.

Извршниот директор на „Газпром“, Алексеј Милер, минатата недела изјави дека компанијата ги исполнува обврските за снабдување и дека е подготвена да го зголеми производството доколку е потребно. Но, тој предупреди дека цените може дополнително да се зголемат во текот на зимата поради недостаток на подземни капацитети за складирање.

Цените на гасот повторно пораснаа откако „Газпром“ одби да резервира дополнителен капацитет за извоз преку Украина за октомври и резервираше само една третина од расположливиот простор на гасоводот „Џамал“ преку Полска.

Русија, исто така, бара одобрување за започнување со работа на гасоводот „Северен тек 2“ кон Германија, неодамна завршен проект, кој делумно е контроверзен, бидејќи ќе пренасочи дел од гасот што минува низ Украина.

Претставници на „Газпром“ и Кремљ рекоа дека Русија може да ја зголеми продажбата на гас откако Германија и ЕУ ќе го одобрат почетокот на гасоводот, додавајќи дека ја ограничила продажбата за да се обиде да ја забрза одлуката.

ИЕА, која беше формирана по арапското ембарго за нафта во 1970 -тите, не ја обвини само Русија за порастот на цените. Во соопштението се наведува дека силната побарувачка за течен природен гас во Азија, која го пренасочила товарот од Европа, ги зголемила испораките низ целиот свет.

Помалите брзини на ветерот во Европа ова лето се еден од факторите што ја зголемија побарувачката за гас.

„Неодамнешните зголемувања на глобалните цени на природниот гас се резултат на неколку фактори, па затоа е неточно и погрешно да се стави одговорноста на транзицијата на чиста енергија“, рече ИЕА.

Поранешниот советник за нафта и гас во француското Министерство за економија и универзитетски професор во Париз – Тиери Брос рече дека ИЕА „го нагласува она за што се зборува во индустријата веќе некое време, но многу политичари во Европа се двоумат да го кажат – улогата што Русија ја игра во тековната енергетска криза“, пренесе ФТ.

Политичарите во Европа понекогаш не сакаа да ја обвинат Русија за зголемувањето на цените на гасот, кои годинава се зголемија за три пати. Меѓутоа, некои членови на Европскиот парламент побараа истрага за улогата на „Газпром“ во кризата.

Повикот на ИЕА дојде откако рускиот претседател Владимир Путин размислуваше дали ќе и дозволи на „Роснефт“, руската државна енергетска компанија, да доставува гас за Европа преку гасоводот „Северен тек 2“, вели лице запознато со ситуацијата.

Во неодамнешниот извештај до Путин, министерот за енергетика Александар Новак препорача да и се дозволи на „Роснефт“ да извезува 10 милијарди кубни метри годишно во Европа преку извозните транзитни капацитети на „Газпром“. Сумата е мала во споредба со 139 милијарди кубни метри што „Газпром“ ги извезе надвор од границите на поранешниот Советски Сојуз оваа година. Но, тоа би значело крајно значаен крај на монополот на „Газпром“ за извоз на гас, што е попрофитабилно од домашниот руски пазар.

Кремљ сака да обезбеди долгорочни договори за снабдување со гас со Европа преку „Северен тек 2“, што, според него, ќе помогне да се намалат цените на бензинот.

И „Роснефт“ и „Газпром“ се под контрола на долгогодишни сојузници на Путин, посочува ФТ.

Извршниот директор на „Роснефт“, Игор Сечин, кој со години лобираше за пристап до пазарот за извоз на гас, тврди дека овозможувањето извоз на гас преку „Северен тек 2“, исто така, ќе и помогне на Русија да генерира повеќе приходи од рекордните цени на гасот. Исто така, ќе биде во согласност со енергетските регулативи на ЕУ, со кои се бара „Газпром“ да отвори половина од капацитетот на „Северен тек 2“ за трети страни.

Според извештајот до Путин, „Газпром“ се противи на овој чекор, тврдејќи дека високите цени може да не продолжат до следната година.

„Роснефт“ и „Газпром“ одбија да коментираат за водечките американски финансиски медиуми. И руското министерство за енергетика одби да реагира на тврдењата.

Од друга страна, Амос Хохштајн, виш советник за енергетска безбедност во американскиот Стејт департмент, изјави за „Фајненшл тајмс“ претходно овој месец дека е загрижен дека „животите се во прашање“ во Европа во случај на тешка зима, делумно затоа што Русија „недоволно го снабдува пазарот во споредба со неговите традиционални резерви“.