Меѓународното училиште Нова организира хуманитарен семеен базар

21

Semeen bazar 1

Почитувајќи го мотото Еднакви можности за сите деца, меѓународното училиште Нова в сабота, 25 април, од 11 до 15 часот во своите простории ќе го одржи традиционалниот семеен базар. Годинашново, деветто издание на манифестацијата, се организира со цел да се соберат средства што ќе бидат наменети за помош на Заводот за ментално здравје на деца и младинци (ЗМЗДМ) Младост – Здравствен дом Скопје и за активностите на учениците во самото училиште.

Семејствата на учениците од меѓународното училиште Нова, нивните гости, припадници на бизнис заедницата од Македонија, амбасадори и членови на дипломатскиот кор кои живеат и работат во земјава, на базарот ќе подготвуваат јадења, ќе продаваат сувенири од своите матични држави и ќе донираат подароци за лотаријата.

Овој хуманитарен базар, под мотото Еднакви можности за сите деца, е организиран од Здружението на родители и наставници при меѓународното училиште Нова, со поддршка од учениците, родителите и професорите во оваа образовна институција.

За време на настанот планирани се повеќе активности како лотарија со голем број награди донирани од спонзорите на настанот, штандови со храна од 15-тина земји, детско катче со едукативно забавни содржини, како што е мини зоолошка градина и предавање за животните и настап на учениците на Нова со свои музички и танцови точки. На базарот ќе имаат можност да се претстават и повеќе занаетчии со свои ракотворби и изработки, а посетителите ќе имаат прилика да купат и книги од различна област на англиски јазик по многу пристапни цени.

Согласно мотото на настанот, дел од средствата ќе се искористат за набавка на дидактички материјали и опрема неопходна за работата на Заводот за ментално здравје на деца и младинци Младост – Здравствен дом Скопје. Се работи за референтна институција за младата популација од цела Македонија која обезбедува услуги и поддршка за дијагностицирањето на состојбата и преземање на активности за подобрување на менталното здравје и благосостојба.