Меѓународното училиште Нова собра средства за помош на Заводот за ментално здравје Младост

40

Semeen bazar vo NOVA 2

Меѓународното училиште Нова викендов организираше семеен базар и собра 3.700 евра од кои дел ќе бидат наменети за Заводот за ментално здравје на деца и младинци Младост – Здравствен дом Скопје. Преостанатите средства ќе се искористат за активностите и проектите на учениците во Нова.

Стотици луѓе ја посетија хуманитарната манифестација која годинава се одржа по деветти пат, а мотото на настанот беше Еднакви можности за сите деца.

На базарот учествуваа семејствата на учениците од меѓународното училиште Нова, нивни гости, припадници на бизнис заедницата од Македонија, странски амбасадори и членови на дипломатскиот кор кои живеат и работат во земјава. Тие подготвуваа јадења, продаваа сувенири од своите матични држави и донираа подароци за лотаријата. На манифестацијата имаше и мини зоолошка градина, можеа да се купат книги на англиски јазик и да се погледнат музички и танцови точки на учениците од оваа образовна институција.

“Собраните средства секоја година ги наменуваме во хуманитарни цели, а дел ги користиме за активностите на нашето училиште. Минатата година дониравме за Домот за доенчиња во Битола, а овој пат ќе му помогнеме на Заводот за ментално здравје на деца и младинци Младост. Парите ќе се искористат за набавка на дидактички материјали и опрема неопходна за работа“, изјави Катерина Златановска Попова, лице за односи со јавност на Нова.

Хуманитарниот базар беше организиран од Здружението на родители и наставници при меѓународното училиште, со поддршка од учениците, родителите и професорите во оваа образовна институција.