Мелинда Гејтс – бизнис лидер и филантроп

179

12140712_1708833039340286_260947656550649718_n

Фото: Facebook

Мелинда Гејтс многумина ја знаат како жената на еден од најбогатите луѓе на светот, Бил Гејтс. Но, Мелинда не е само богата сопруга, таа е успешен претприемач и филантроп кој ја користи секоја прилика да помогне онаму каде што е потребно, со посебен фокус на глобалното здравје и образование.

Таа е родена на 15-ти август 1964 година во Далас, Тексас. Уште од најрана возраст постигнува врвни резултати во училиште каде е прогласувана е за најдобар ученик. Во 1986 година, Мелинда дипломира компјутерска наука и економија на Универзитетот Дјук во Северна Каролина.

Една година подоцна се вработува во Microsoft Corporation, компанијата на Бил Гејтс, а во 1994 година станува и негова жена. Парот ги кажува брачните завети на Хаваи на венчавката којашто чини еден милион долари. Истата година сопружниците ја основаат фондацијата Bill & Melinda Gates, чија цел е подобрување на образованието и здравјето на глобално ниво.

Во Microsoft започнува да работи како продукт менаџер развивајќи мултимедијални и интерактивни производи. Девет години подоцна Мелинда станува генерален менаџер за информатички производи, вклучувајќи проекти како веб-сајтот за планирање на патувања Expedia, интерактивниот филмски водич Cinemania и мултимедијалната дигитална енциклопедија Encarta.

Во 1996 година таа и Бил стануваат родители за прв пат, се раѓа нивната прва ќерка Џенифер Кетрин Гејтс, а Мелинда се повлекува од компанијата за да се посвети во целост на детето. Три години подоцна доаѓа на свет и синот Рори Џон Гејтс, додека втората ќерка Фиби Адел Гејтс се раѓа во 2002 година. Семејството живее во огромна хај – тек куќа на брегот на езерото Вашингтон близу Сиетл. Она што е интересно за нивните деца е дека нема да го наследат богатството на родителите, коешто во најголем дел ќе биде доделено на фондацијата.

Од 1996 до 2003 година Мелинда беше член на одборот на доверители на Универзитетот Дјук. Таа сè уште е активна на конференциите на групацијата Билдерберг и има место во одборот на директори во компанијата Washington Post. Од одборот на Drugstore.com се повлече во август 2006 година за да може повеќе да се посвети на фондацијата Бил и Мелинда Гејтс.

11165294_10153467675448072_1260361640054482869_n

Фото: Facebook

Истата година инвеститорот Ворен Бафет, кој е близок пријател на семејството, донира 80% од своето богатство на нивната фондација или во бројки – 30 милијарди долари. Мелинда потоа ја реструктуира организацијата и ги распоредува парите на три дела, средства наменети за подобрување на глобалното здравство, подобрување на образованието во САД и развивање на заедницата.

Една од примарните цели на фондацијата Бил и Мелинда Гејтс е да развијат превентивни стратегии, вакцини и третмани за заболените од СИДА, маларија и туберкулоза.

Во 2014 година Мелинда заедно со својот сопруг одржува говор за време на доделувањето на дипломи на Универзитетот Станфорд во Калифорнија. Таа ги советува студентите и присутните фамилии во врска со филантропијата, потенцирајќи дека треба сето тоа да се искуси и да се помогне од прва рака.

За нејзината посветена работа во полето на здравството и сиромаштијата во САД и светот, во ноември 2016 година го доби Претседателскиот медал за слобода од страна на претседателот Обама, што е највисока цивилна награда во САД.