Меморандум за разбирање за меѓусебна соработка меѓу Самит100 и Коморскиот инвестициски форум

38

image2

Вчера во Скопје, во рамки на шестиот годишен Самит100, беше потпишан Меморандум за соработка помеѓу регионалната платформа Самит100 и Коморскиот инвестициски форум на шест земји од Западен Балкан (WB6 CIF) – тело за регионална соработка на коморите од Македонија, Србија, Албанија, Косово, Босна и Херцеговина и Црна Гора, стои во соопштението.

Форумот e формиран е на маргините на Самитот во Трст за Западен Балкан.

Според потписниците на Меморандумот, Претседателот на Управниот одбор на Самит100, Живко Мукаетов, и претседателот на Стопанската комора на Србија, Марко Чадеж, целта на меморандумот е да ги обедини силите од приватниот сектор и силните регионални компании да работат заедно на спроведувањето на договорените проекти од Берлинската иницијатива.

“Годинава во Скопје, регионалната соработка на Самит100 е официјализирана преку потпишување на Меморандум за меѓусебно разбирање и соработка на нашата платформа со Коморскиот инвестициски форум на Западен Балкан 6. Меморандумот се однесува на поттикнување на деловната соработка и унапредување на конкурентноста на регионалната и националните економии“, рече Живко Мукаетов во рамките на своето обраќање.

Осврнувајќи се на темите дискутирани во рамки на Самит100 и продлабочување на поврзаноста во регионот преку соработка на теми како побрза трговија со стоки и услуги, транспорт, енергија и брендирање на потеклото, Чадеж изјави: “Сакаме да помогнеме во остварување на тие задачи придонесувајќи во отстранувањето на царинските бариери, синхронизирање на документацијата, но и синхронизирање и на останатите процедури. Наша задача е да ја задржиме оваа тема високо на агендата и мислам дека таквата подготвеност сега постои, но не смееме да се опуштиме. Ова е прашање на опстанокот на нашиот регион“.

Самит100 на Бизнис лидери од ЈИЕ претставува уникатна бизнис иницијатива која на едно место ги собира најеминентните бизнис лидери од Словенија, Хрватска, Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Македонија, Косово и Албанија.