МЕПСО ќе стипендира студенти на Техничкиот факултет во Битола

30

mepso

МЕПСО и Техничкиот факултет од Битола денеска склучија Меморандум за соработка со којшто ја продлабочуваат својата соработка на повеќе полиња.

Со меморандумот што денеска го потпишаа проф. д-р Стојанче Нусев, деканот на Техничкиот факултет и Иван Коробар, шеф на кабинет на МЕПСО започнува процес на стипендирање на студенти кои студираат на Електротехнички отсек на Техничкиот факултет при универзитетот Свети Климент Охридски во Битола.

“Сакам да најавам дека наскоро ќе биде распишан оглас за стипендирање на најдобрите студенти во 3 година, што значи дека сите за прв пат редовно запишани студенти на електроенергетската насока на Техничкиот Факултетот – Битола со просек над 9, ќе добиваат стипендија од по 6.000 денари месечно обезбедена од МЕПСО. Согласно политиките на Влада на РМ, МЕПСО веќе има потпишано меморандуми за соработка со неколку образовни институции. По доделувањето на стипендии на студентите на Техничкиот факултет Битола вкупниот број на стипендисти на МЕПСО, ќе се зголеми на 23 лица“, истакна Коробар во своето обраќање пред присутните.

Притоа, Коробар потенцираше дека благодарејќи на кампањата на Владата за студирање на технички науки, бројот на запишани студенти на електроенергетските насоки постојано се зголемува од година во година. И во рамки на тој процес МЕПСО се приклучи и даде поддршка на иницијативата на раководството на Техничкиот факултет Битола и започна соработка со овој факултет. МЕПСО ќе стипендира 4 студенти во трета студиска година кои имаат просечна оценка од положени испити повисока од 9,00.

Присутните ги поздрави и деканот Нусев кој рече дека ова е значаен чекор за мотивација на идните електроинженери. Пред присутните се обрати и проф. д-р Миле Спировски, раководителот на Електротехничкиот оддел при Техничкиот факултет.

“Особена чест и задоволство е да се стипендираат лица кои се иднина на нашата држава, млади и квалитетни кадри, полни со ентузијазам, лица кои својата професионална кариера ја започнале или ќе ја започнат на електротехничкиот отсек на Техничкиот факултет во Битола. Поради тоа, согледувајќи го нашиот квалитет како институција која веќе 55 години произведува квалитетни кадри кои се на раководни места во повеќе компании во Република Македонија, на барање на Техничкиот факултет од Битола, сите поголеми енергетски компании МЕПСО, ЕЛЕМ и ЕВН ни излегоа во пресрет и доделија стипендии за најдобрите студенти на Електротехничкиот отсек. Особена благодарност му истакнуваме на менаџерскиот тим на АД МЕПСО кој за прв пат оваа година им излезе во пресрет за стипендирање на студенти од Електротехничкиот отсек при Техничкиот факултет во Битола кои се редовно запишани во трета година и се со просек над 9“, изјави тој.

МЕПСО во рамки на својата платформа за општествена одговорност и досега во рамки на можностите стипендира студенти на Факултетот за електротехника и информатички технологии (ФЕИТ) при универзитетот Свети Кирил и Методиј. Таму стипендии доделува од 2012 година и досега има 19 стипендисти.