МЕПСО официјално го вклучи реконструираниот далекувод Скопје – Тетово

31

mepso

АД МЕПСО во саботата, 20 август, во Јегуновце го означи вклучувањето на реконструираниот далекувод Скопје – Тетово со краците кон трафостаниците во Теарце и Јегуновце, со што се одговара на растечките потреби за потрошувачка на електрична енергија во полошкиот регион и се обезбедува непречено, доверливо и стабилно снабдување на сите потрошувачи со квалитетна електрична енергија на среден рок, стои во соопштението на компанијата.
Должината на далекуводот изнесува 48 километри, а вредноста на инвестицијата надминува 4 милиони евра. Поставени се 187 столбови, од кои новоизградени се 158, со кои се заменети старите столбови кои беа во употреба над 60 години. Освен интервенцијата на столбовите, поставени се и нови спроводници за пренос на електрична енергија, изолатори, овесна и спојна опрема.
Во рамки на овој проект извршени се приспособувања во сите трансформаторски станици што ги поврзува овој линиски енергетски објект, при што е поставена потребна современа примарна и секундарна високонапонска опрема. Значајна модернизација е извршена и во трансформаторската станица Југохром во Јегуновце каде што, во рамки на овој проект, во целост е модернизиран собирничкиот систем на 110 киловолтно напонско ниво.
Проектот за реконструкција на далекуводот Скопје – Тетово го финансираше Светска банка, изведувач на работите е Енергомонатажа од Белград, а техничкиот надзор беше на конзорциум од Техничкиот факлутет Битола, Столб Битола и Елнос од Бања Лука.