Компанијата МЕПСО ја спроведе постапката за пристапување кон SEE CAO, регионалната компанија што е формирана од страна на осум оператори на електроенергетски системи од регионот со задача да организира аукции за закуп на прекугранични капацитети за пренос на електрична енергија.
Оретставниците на ОЕПС, во присуство на заменик генералниот директор на АД МЕПСО Ненад Јовановски, извршниот директор на SEE CAО, Александар Мијушковиќ, заменик извршен директор Дијана Мартинчиќ (ИТ експерт) и експерти од оперативното работење на SEE CAO одржаа работен состанок со цел да се дефинираат сите потребни чекори за навремено отпочнување со доделувањето на прекуграничните преносни капацитети.
Овој состанок претставува подготвителен процес на којшто претставниците од двете страни ги дефинираа и усогласија правните и техничките аспекти во процесот на организирање на аукциите. Согласно правилата на SEE CAO, македонска граница на која SEE CAO ќе започне да спроведува аукции на расположливи прекугранични преносни капацитети е македонско -грчката граница. На оваа граница, од страна на SEE CAO ќе бидат организирани аукции на годишно, месечно и дневно ниво при што првата аукција која ќе се реализира е годишната аукција за 2017 година. Овие аукции ќе бидат организирани согласно Аукциските правила за алокација на преносни капацитети во SEE CAO.
Сите заинтересирани страни кои сакаат да учествуваат на овие аукции, потребно е да се регистрираат во SEE CAO. Во следниот период, АД МЕПСО ќе ги информира сите засегнати страни за аукциските правила, начинот на регистрација во SEE CAO, временската рамка за одржување на аукциите како и за техничките аспекти на целиот процес.
Со пристапувањето кон SEE CAO, АД МЕПСО направи чекор напред кон исполнување на обврските превземени со потпишувањето на договорот за основање на енергетската заедница и обврските што произлегуваат од членството во ЕНТСО-Е.
Придобивката од новиот начин на доделување на прекуграничните преносни капацитети е тоа што на учесниците на пазарот на електрична енергија ќе им го олесни процесот на прекугранична трговија со електрична енергија на регионално ниво.