Германската автомобилска групација Mercedes-Benz, минатата година забележа нето добивка од 23,4 милијарди евра, што е речиси шест пати повеќе од претходната година. Оперативната добивка беше 19,2 милијарди евра, во споредба со 8,6 милијарди евра во 2020 година.
Ова е прво објавување на годишни деловни резултати по минатогодишната поделба на Daimler Truck Holding. Автомобилската групација Daimler беше преименувана во Mercedes-Benz Group на почетокот на февруари. Приходите на трансформираната групација се зголемија од 154 милијарди евра во 2020 година на 168 милијарди евра минатата година, иако тие благо паднаа во последниот квартал, пренесува француската новинска агенција АФП.
Како што истакна Мерцедес, групата постигна добри резултати и покрај пандемијата на Ковид-19 и тесните грла во синџирите за снабдување со чипови, кои продолжија негативно да влијаат на бизнисот. Недостигот на чипови, кој го запре производството во автомобилската индустрија, ги погоди производителите на луксуз, како што е Мерцедес, истакнува АФП.
За оваа година, групацијата очекува благо зголемување на приходите во однос на минатата година, иако проценува дека ограничувањата за понудата на чипови ќе продолжат да влијаат на пазарот, наведува АФП.











