Меркатор во Хрватска ќе стане Конзум, во Словенија останува исто

41

konzum_mercatorХрватскиот концерн Агрокор стана мнозински сопственик на словенечкиот трговски ланец Меркатор, откако од сопственичкиот конзорциум купи 53,12% акции по цена од 120 евра за акција. Реализацијата на трансакцијата е предвидена до крајот на оваа година, во што е вклучена исплатата на 240 милиони евра, колку што чинат акциите. Сега на ред се регулаторите, кои треба да ја одобрат купопродажбата.

Со реализација на договорот, Меркатор заедно со Агрокор ќе остварува годишни приходи околу седум милијарди евра и ќе вработува преку 60.000 луѓе, со што ќе стане најголема малопродажна компанија во централна и источна Европа. Стоката ќе ја продава во 3.500 маркети во девет држави. Седиштето на Меркатор останува во Словенија под исто име, исто како и во Србија, додека во Хрватска и БиХ центрите на Меркатор ќе ги преземе Конзум, пренесуваат медиумите.

Според експертите, ова спојување отвора нова приказна во регионални рамки, се создава нешто со што би се зајакнала конкурентноста во однос на големите системи кои доаѓаат од Европската унија.