Метеоропатија – влијание на честите температурни промени

39

dozd

Фото: Pexels

Променливото време може негативно да влијае кај сите. Кај младите и здрави луѓе тегобите се благи, дури и незабележителни, додека кај повозрасните и хронично болните можат да се јават навистина изразени симптоми кои бараат посебен третман, а во некои случаи и хоспитализација.

Кој е најчувствителен на временските промени?

Скоро сите луѓе реагираат на неповолните временски прилики, но сепак најчувствителни се оние кои припаѓаат на групата метеоропати.

Метеоропат е човек кај кого тегобите во организмот или влошувањето на веќе постоечките болести се редовно поврзани со одредени временски прилики.

Овие реакциии можат да се јават и кај потполно здрави луѓе. Статистички, метеоропати се најчесто жени во средни години, хронично болните и старите лица.

Метеоропатските симптоми се реакции што се манифестираат кога ќе дојде до промена на еден или повеќе метеоролошки фактори како температура, влажност на воздухот, ветер, атмосферски притисок, дожд, грмотевици и слично.

Најчести симптоми се: замор, промена на расположението, намалена концентрација, апатија, проблеми со спиењето. Може да се јави и главоболка, ревматски болки, болки на места каде претходно имало повреда или рана, вртоглавица, па дури и срцеви тегоби.

Како да се намалат симптомите?

За да се намали влијанието на временските промени, како и за да се подобри општото здравје потребна е правилна исхрана, внес на доволно количество течности (најдобро вода) и добар сон.

Метеорпатите треба барем половина час дневно да поминуваат на свеж воздух, далеку од сообраќајниот метеж и секојдневната врева. Се препорачува пешачење и наизменично туширање со топла па ладна вода, за да се забрза циркулацијата на крвта.