МФ: Јавниот долг понизок за 3,8 процентни поени во третиот во однос на вториот квартал од 2021 година 

21

Јавниот долг заклучно со третиот квартал падна под 60% од БДП, определено со мастришкиот критериум на Европската Унија, позиционирајќи се на ниво од 59,3 % од БДП. Ова ја покажува добро поставената фискална политика и доброто управување со јавните финансии и во време на пандемија.

Јавниот долг забележа намалување од 3,8 процентни поени во однос на вториот квартал од 2021 година, односно од  63,1 % колку што изнесува заклучно со вториот квартал.

Согласно денеска објавените податоци на Министерството за финансии, јавниот долг изнесува 6,950.7 милиони евра, додека на 30.06.2021 изнесувал 7,386.8 милиони евра.

Намалувањето на долгот се должи пред се на исплатата на Еврообврзницата издадена во 2014 година, во износ од 500 милиони евра. Значајно е дека и покрај рецесијата, Владата успешно настапи на глобалните пазари на капитал и средствата за оваа Еврообврзница беа обезбедени со издавање нова Еврообврзница во март 2021 година со историски најниска каматна стапка од 1,625 %.

Министерството за финансии цврсто стои на својата заложба за стабилизирање на долгот и негово позиционирање на ниво до 60 % од БДП што е во рамки на Мастришкиот критериум.

На среден рок, односно до 2026 година, проекциите во Стратегијата за управување со јавниот долг се дека тој ќе се стабилизира и ќе се намали на 57,7%, додека државниот долг ќе се сведе на 50,7%.

Тоа ќе се реализира преку Планот за фискална одржливост со кој се обезбедува постепено стеснување на вкупниот буџетски дефицит од 4,9 % во 2021 година на 2,2 % во 2026 година, а преку подобрување на наплатата на буџетските приходи, намалување и реструктуирање на буџетските расходи и промени во изворите на финансирање на буџетскиот дефицит. Сето ова е насочено кон забрзан економски раст, кој пак согласно донесениот План за забрзан економски раст во наредните пет години треба да придонесе за двојно зголемување на стапката на БДП во однос на просекот во изминатите 10 години и од 2,5 % просечно годишно да имаме стапки на раст на БДП над 5 проценти до 2026 година, како и инвестиции кои се проценуваат на 12 милијарди евра. Важно е дека од предвидените 4 милијарди се инвестиции од јавниот сектор, а тие ќе генерираат дополнителни 8 милијарди евра приватен капитал. Концептот е така воспоставен што не генерира дополнително задолжување и даночни оптеретувања на граѓаните.

Кризата предизвикана од Ковид 19 и справување со последиците наметна потреба од обезбедување дополнителни средства за мерки во здравствениот сектор и поддршка на економијата и граѓаните, што влијаеше на зголемување на долгот во скоро сите земји, вклучително и во нашата. Но исправните политики и навремените мерки кои изнесуваат над 1 милијарда евра, покажаа дека земјата се справува со кризата, а притоа обезбедува и фискална консолидација. Јавниот долг на крајот на 2020 година изнесуваше 60,2 %, во првиот квартал 2021 изнесува 61,2 %, во вториот квартал 63,1 % и сега на крајот на третиот квартал се спушти на 59,3 %.

Податоците за нивото на јавниот долг Министерството за финансии транспарентно ги објавува на својата веб страна на квартално ниво. Воедно во рамки на фискалниот бројач Министерството за финансии објавува месечни податоци за висината на државниот долг.