Сопственици на микро и мали бизниси од цела Македонија, два дена се дружеа на Попова Шапка, разговараа за своите бизниси и создаваа нови релации и партнерства.
Првиот ден беа одржани Б2Б средби меѓу присутните, а вториот ден, учесниците преку вежби ги докажаа своите претприемачки и креативни способности.
Градењето на тим беше организирано од Проектот на УСАИД за микро и мали претпријатија, кофинансиран од Владата на Швајцарија, имплементиран од Центарот за развој на претприемачи и менаџери (ЦЕЕД) Македонија.
“Проектот активно работи со приватниот сектор и обезбедува поддршка и услуги. Микро и малите компании имаат големи предизвици. Имаме претприемачи во Македонија со одлични идеи, но понекогаш е тешко идејата да се пласира на пазарот. Затоа многу се важни тренингот, консултантските услуги и нетворкингот како овој”, изјави директорот на канцеларијата за развој при Мисијата на УСАИД во Македонија, Едвард Гонзалес.
Една од главните активности на Проектот се настаните за вмрежување, на кои учесниците директно се запознаваат едни со други, имаат можност да ги претстават своите производи/услуги и да разговараат за потенцијални заеднички бизнис соработки.